Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) прослави 70 години од формирањето. На 26 јуни 1952, со Решение на тогашното Министерство за внатрешни работи се одобрува основање и работа на Друштво на архитекти на Народна Република Македонија (ДАМ) со седиште во Скопје и со право на дејност на подрачјето на земјата. Формирањето на здружението се случило само по седум години од завршувањето на Втората светска војна и три години од почнувањето со работа на Техничкиот факултет во Скопје.
„Денес, ААМ е предводник на критичката професионална мисла и став, наспроти лаичките обиди за деградација и отфрлање на занаетот, нешто на кое бевме сите сведоци во изминатата деценија преку озлогласениот квазипроект ‘Скопје 2014’. ААМ на време го препозна ваквиот ретрограден план и донесе Декларација со која го отфрли и го прогласи за непрофесионален и политички“, вели претседателот на ААМ Мишко Ралев.
Хронолошки, на формирањето на Друштвото на архитекти претходело формирање на Здружението на инженери и техничари, веднаш после војната во април 1945, по што следело и формирање Сојуз на здруженијата на инженери и техничари на Југославија, за подоцна да почне формирање на друштва на поодделни инженерски струки, кои до крајот на постоењето на Југославија биле дел од номенклатурата на Социјалистичкиот сојуз на работниот народ на Македонија (ССРНМ). ДАМ функционира со овој назив сé до 1980, кога се преименува во Сојуз на друштва на архитекти (СДАМ), трансформација со која е воспоставена нова организациска структура и се формирани градски друштва на архитекти, низ целата република. Како современ облик на граѓанско здружување врз база на стручна профилација, во 1999 СДАМ се преименува во Асоцијација на архитекти на Македонија (ААМ).
Првиот претседател на Друштвото на архитекти бил Сотир Томовски, еден од само петте архитекти кои работеле во Македонија пред војната. Според евиденцијата на Асоцијацијата, претседатели биле и Борис Чипан, Александар Жупан, Љубе Пота, Крум Томовски, Михо Чакеља, Душко Пецовски, Љубомир Томиќ, Славко Брезовски, Живко Поповски, Трајко Димитров, Александар Смилевски, Александар Николски, Кирил Муратовски, Александар Карев, Панта Христовски, Венцислава Гаврилска, Вангел Божиновски, Вања Стефановски, Зоран Ивановски, Тихомир Стојков, Драган Стојановски, Кокан Грчев, Даница Павловска, Сања Раѓеновиќ, Мартин Пановски. Голем број од овие истакнати архитекти денес се историја на културата во нашата држава.
„На самите почетоци, активностите на тогаш новооформеното Друштво на архитекти – ДАМ не биле чести, ниту значајни. Генерално се работело според политички директиви, a проблеми со струката речиси и немало. Речиси сите дипломирани студенти на Техничкиот факултет во Скопје веднаш добивале работа. Прва позначајна активност на ДАМ било организирањето на собир на архитектите на Југославија во Охрид во 1958 година, стручен собир на кој почнале да се водат критички дебати и да се организираат изложби на архитектонските творби во земјата и странство“, кажал проф. Борис Чипан.
Проф. Крум Томовски во едно сеќавање ќе посочи дека „почнувањето со работа на Друштвото на архитекти на Македонија е битен момент за архитектонското формирање и опстојување на тогашните нови генерации архитекти. Тоа се години кога се поставени основите врз кои се градела архитектурата како професија, како образование, време на афирмација и општествена валоризација. Со оглед на малиот број школувани архитекти во тоа време, јавноста не била на чисто за тоа за каква професија станува збор и токму затоа повеќето разбирале дека се тоа некакви ‘цртачи’ и ништо повеќе од тоа“. Затоа, според него, тоа биле години на самодокажување и афирмација на архитектурата како креативна професија и како зачетник на секој градбен процес, од идеја, план, проект и изведба.
ДАМ ја има пионерската задача во толкувањето на суштествената улога на струката архитект и сите нејзини специфики, за која низ времето и со зголемување на динамиката на поствоената изградба на тогашна Југославија станувало многу појасно која е всушност улогата на архитектите. Здружението на архитекти е важен сегмент и во едукација во професијата. Преку реализацијата на разни советувања, конгреси на одредени проектантски теми биле промовирани идеите на архитектите низ концепти, проекти и изведени дела. Земјотресот во Скопје носи нови ангажмани на архитектите, а со тоа и нов начин на делување на здружението. Настапува време на интензивна изградба, комуникација со светски познати и признати авторитети. Со тоа македонската современа архитектура станува препознатлива и признаена ширум светот и е предмет на стручни, научни истражувања и расправи.
Дел од активностите на ААМ се артикулирани низ неколку институции кои низ децениите од своето постоење се етаблирани како важни културни настани: АА – Архитектонската академија, во која членуваат доајени на македонската архитектура, носители на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“; големата годишна награда која ААМ ја доделува на најдоброто изведено архитектонско дело во државата; и најзначајната манифестација БИМАС – Биенале на македонската архитектура, презентација и валоризација на двегодишната продукција на архитектите од Македонија. БИМАС е и една од позначајните културни манифестации воопшто во нашата држава, која вообичаено се одвива низ петнаесетдневна разновидна програма, а завршува со доделување на Гран при награда за најуспешно реализирано архитектонско дело како и други награди по категории.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија пред повеќе од 15 години беше и еден од основачите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија, чекор со кој беа воведени нови правни и стручни критериуми во регулирање на инженерските професии.