НИКОЛА ДИМИТРОВ ПОБАРА ИТНО ДА СЕ РЕАФИРМИРААТ МАКЕДОНСКИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈА

    НИКОЛА ДИМИТРОВ ПОБАРА ИТНО ДА СЕ РЕАФИРМИРААТ МАКЕДОНСКИТЕ ПОЗИЦИИ ВО ПРЕГОВОРИТЕ СО БУГАРИЈАДимитров ја обвини Владата дека на јавноста ѝ продава лажен успех од Брисел и им се заканува на граѓаните што сакаат да спречат национална катастрофа (Фото: СДК.МК - архива)

    Поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров бара итна реафирмација на македонските позиции во преговорите со Бугарија, со цел да ги слушнат и оние кои можеби не сакале да ги слушнат, како еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, а побара оставка од министрите што им се закануваат на граѓаните што сакаат да спречат национална катастрофа.

    Тој ги обвини премиерот Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи дека на јавноста ѝ продаваат лажен успех од Брисел, додека истовремено таа е оставена да се храни со полуинформации.

    Очајот на (дел од) Владата за лажен успех оди дотаму што четирите услови на премиерот гласно и јасно изговорени среде Брисел се стопија прво на два збора, ‘протокол‘ и ‘отворање‘, па за 24 часа само на еден збор – ‘протокол‘. Шефот на дипломатијата пред три дена го повика бугарскиот парламент да не го усвојува предлогот бидејќи тоа ‘ќе го блокира долгорочно европскиот процес‘, за по само еден ден токму усвојувањето на предлогот стана ‘голем напредок‘. Ако потрае оваа агонија со игра на зборови и позиции, предлогот веројатно ќе им стане целосно прифатлив и ваков каков што е, а од историското ‘не‘ ќе остане само горчлива прашина. Ако навистина дојде до тоа, ќе ја дишеме сите долго, заглавени во ќор-сокакот“, напиша Димитров на Фејсбук.

    Тој порача дека министрите кои им се закануваат на свесни граѓани кои сакаат да спречат национална катастрофа треба веднаш да ги снема од владата, во спротивно целата влада треба да понесе одговорност.

    Граѓанското несогласување и активизам се срцето на демократијата. Ако до овој најнов срам проблемот беше божемната надворешна политика, што според зборовите на Петков, доведе до ‘неверојатен дипломатски успех‘ за Бугарија, со сесрдна помош и соучесништво на македонската влада, сега проблем е и овој беден обид за заплашување. Имаше две неспорни области на напредок последниве години – надворешната политика и слободата. Како стоиме денес во тие области, ако надворешната политика дозволи ваков дебакл што го гледаат сите со отворени очи, и дома и надвор, распрскувајќи ги македонските црвени линии на парчиња, а министри се закануваат токму на слободните граѓани кои се обидуваат да ја намалат штетата, што веќе е огромна“, вели Димитров.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира