Со усвоените измени и дополнувањата на Законот за трговија, продавниците, киосците и штандовите во туристичките места ќе можат да работат во недела и на државен празник. Освен трговците на големо и мало, во недела ќе работат и цвеќарниците. Работниците кои ќе работат во недела и празници ќе добијат дневница поголема за 100 проценти.
Занаетчиите не се опфатени со овој закон па тие ќе останат затворени иако, како што велат, се најпривлечни за туристите. Реагираат дека нема да се постигне целта оти туристите најчесто купувале сувенири, бисери и накит.
„Го поздравуваме ваквото законско решение, но ние извисивме. Ќе инсистираме да се изгласаат измените во Законот за работни односи, за да ни се овозможи и нам како самостојни вршители на дејност да работиме во недела. Во Охрид за време на викендите и празниците има туристи кои бараат да купат сувенири, бисери, накит. И покрај тоа што занаетчиите се најбарани останаа затворени, а со тоа целта дека ова се прави за туризмот не е постигната“, вели Сашо Богоески, претседател на Регионалната занаетчиска комора во Охрид.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, со измените и дополнувањата на Законот за трговија се очекува дополнително да се поттикне економската активност во земјата, посебно во туристичките места.
„Имајќи ги предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи од почетокот на годината, а и очекувањата согласно веќе направени резервации за странски туристи кои што оваа туристичка сезона ќе ја посетат земјава посебно Охрид и Струга, согласно законските измени, очекуваме зголемување на туристичката активност“, објави министерот на Фејсбук .
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ ) со реакција дека ваквото законско решение е на штета на работниците кои, како што велат, ќе робуваат во недела.
„ССМ со право, уште на самиот почеток на процесот на уредување на недела како ден на неделен одмор укажуваше дека ова право во никој случај не смее да се регулира со друг закон освен со Законот за работните односи и дека во тој случај му се дава можност на еден министер со потпис да одлучува за судбината на работниците, што по 6 месеци се покажа како точно, иако во тој период од министрите бевме убедувани дека тоа нема да биде случај. Министерот кој на 2 јануари се фалеше дека недела неработен ден е реалност, на 27 јуни се фали дека сите трговци во туристичките дестинации ќе работат во недела“, реагира ССМ и додава дека трговците можеле и досега да работат, но само сопствениците на дуќаните.
За надлежностите околу контролите колку ќе се почитуваат измените и дополнувањата на Законот за трговија од Одделението за инспекциски надзор – Охрид велат дека најпрво ќе почекаат законските измени да бидат објавени во Службен весник.
„Како надзорен орган, откако ќе излезе во Службен весник ќе знаеме какви надлежности ќе имаме ние како Пазарен инспектортат, а какви Инспекторатот за труд“, рекоа од Одделението за инспекциски надзор – Охрид.
Законот со кој недела се прогласи за неработен ден, стапи на сила првиот викенд годинава.
С. ВРЕНЦОВСКА