АДЕМИ, МИЛОШОСКИ И СТОЈАНОСКА ЌЕ КУРТУЛАТ ОД ОБВИНЕНИЈА ЗАШТО ФИЛЏАН, ТАЦНА И МИКРОФОН НЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ОПАСНО ОРУДИЕ

    АДЕМИ, МИЛОШОСКИ И СТОЈАНОСКА ЌЕ КУРТУЛАТ ОД ОБВИНЕНИЈА ЗАШТО ФИЛЏАН, ТАЦНА И МИКРОФОН НЕ СЕ СМЕТААТ ЗА ОПАСНО ОРУДИЕКривичниот законик во опасно орудие подразбира бејзбол палки, стаклени шишиња полни со течност, остри предмети и друго што може да предизвика последици, но не и филџан, тацна и микрофон (Фото: Собраниски канал/принтскрин)

    Пратениците Антонијо Милошоски и Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ, Арбр Адеми од ДУИ, потоа нивни сопартијци и колеги од Алијанса за Албанците кои вчера учествуваа во тепачката во собраниската Комисија за европски прашања, ќе куртулат од истраги и обвиненија, зашто повреда од микрофон и фрлање со филџан, немаат третман на опасно орудие во Кривичниот законик, за да може да постапи Обвинителството.

    Оттаму велат дека учесниците во инцидентот, во кој за среќа немаше посериозно повредени, исполнуваат услови за прекршочно гонење.

    „Вчера во Собранието беше нарушен јавниот ред. Точно е дека имаше корнење микрофон и опрема пред еден од пратениците кој бил расечен притоа, а исто така и фрлање со филџан и тацна кон колегите, од негова страна. Обвинителството постапува кога има кривично дело ‘Загрозување со опасно орудие’.  Досега филџан и тацна немале третман на опасно орудие. Тоа се бејзбол палки, ножеви, остри предмети, полно стаклено шише со течност која има тежина и која може да предизвика последици. Филџан досега не е третиран како такво орудие. Нема услов ни за кривично дело ‘насилство’, бидејќи тука се работи за расправија и сите се насилници. За истрага за насилство, треба да има оштетени и да има загрозена јавност“, одговорија обвинители на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК дали се надлежни да го санкционираат оној пратенички срам вчера во Комисијата за европски прашања.

    Адеми од ДУИ вчера попладне доби расекотина на раката откако настана турканица и викање на комисиската расправа за измените на Законот за работни односи, со кои на судиите кои наскоро треба да се пензионираат, треба да им се продолжи работниот век, до изборот на нови.

    До инцидентот дојде кога пратениците од ВМРО-ДПМНЕ противејќи се на законските измени, го заобиколија пултот на Адеми кој раководи со седницата. До тоа, пак, дојде откако и по два часа задоволување на барањата за процедурални приговори, Адеми реши да го стави дневниот ред на гласање.

    Во еден момент пратениците од ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски и Дафина Стојаноска, почнаа да му го корнат микрофонот на Адеми. Во тој напад со предмет од пултот расечена е неговата рака. Во тензична атмосфера, како што се гледа од видеа снимени со мобилен телефон, Адеми им вика на пратениците, ги плеска по рака тие што му ја корнат собраниската опрема и како нервозно фрла со филџан за кафе, а потоа и со тацната.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира