СИТЕ СМЕ МИНЛИВИ, ЌЕ НАПРАВИМЕ УСЛОВИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА МЛАД И КВАЛИТЕТЕН МЕДИЦИНСКИ КАДАР, РЕЧЕ САЛИ

    СИТЕ СМЕ МИНЛИВИ, ЌЕ НАПРАВИМЕ УСЛОВИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА МЛАД И КВАЛИТЕТЕН МЕДИЦИНСКИ КАДАР, РЕЧЕ САЛИМинистерот за здравсто Беким Сали и новиот директор на Битолската болница д-р Александар Обедниковски. (Фото: СДК.МК)

    Нема да им продолжени договорите на сите 39 доктори од скопските клиники кои наполниле 64 години и побарале да останат на работа, рече министерот за здравство Беким Сали. Уште минатиот месец направиле анализа врз основа на објективни причини кои лекари да останат на работа, а во пензија ќе заминат оние кои имале недоволен број на интервенции за да се отвори простор и можност за вработување на млад квалитетен кадар.

    Тој уште еднаш потврди дека ќе следува вработување за 50 најдобри студенти од медицинските факултети во земјава, не само од Универзитотот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) туку и од Штип и Тетово. Планирано е да се направи селекција на најдобрите кои покрај вработување ќе добијат и специјализации на клиниките во Скопје.

    „Нашите анализи кажуваат дека десетици кандидати чекаат за унапредување по заминување во пензија на нашите професори. Тоа е текот на животот и сите треба да прифатиме дека нема секогаш да бидеме министри, ни професори, ни раководители на оддели, ни директори на болници. Младата популација е многу квалитетна. Во 2021 и 2022, години на пандемија, ние имаме сто успешни доктори кои дипломирале со просек над 9 само на УКИМ. Тоа укажува дека имаме многу квалитетен кадар кој го спремаме со години и за жал, го даваме на служење во странство или се разочаруваат од околностите во кои живееме“, рече министерот.

    Тој додаде дека како одговорни политичари мора да најдат начин да го задржат квалитетниот кадар во земјава.

    Уште попроблематично е во локалните средини каде поради недостиг на доктори се затвораат цели одделенија, а лекарите од внатрешноста заминуваат на работа не само во странство, туку и во Скопје. Според министерот Сали, недостигот на кадри е последица на тоа што немало континуитет во пополнување на работните места, туку одредени места се чувале за некои лекари да бидат неопходни.

    „Тоа е резултат на немање континуитет поради чување на место да нема замена во иднина и да бидеме неопходни, условно кажано. Јас и другите не можеме на никој начин да бидеме неопходни за здравството иако сум денес министер, утре нема да бидам. Сите ние треба да сфатиме дека сме минливи, а за доброто на сите треба да мислиме на континуитет со примање на нови кадри кои генерациски како што заминуваме во пензија ќе не заменат. Тоа е природен тек и мора да го прифатиме“, додаде Сали.

    Тој присуствуваше на пуштањето во употреба на реновираните простории за интензивно лекување на САРИЛ при Клиничката болница во Битола. Нов директор на болницата е д-р Александар Обедниковски.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира