Францускиот претседател Емануел Макрон денеска ми соопшти, а јас тоа му го пренесов и на нашиот премиер Димитар Ковачевски, дека Франција како претседавач со ЕУ ќе направи модификации во предложениот текст на преговарачката рамка за Македонија, кажа претседателкот Стево Пендаровски во Мадрид каде беше на Самитоот на НАТО, додавајќи дека овој предлог е далеку подобар за нас од претходниот.
„Не станува збор за нов предлог. На две-три места во предлогот има модификации кои тие ги направија во консултација со двете страни. Меѓутоа, ние рековме да не ја повториме грешката од минатиот пат, не може никој – не претседател, не премиер – никој не може да зборува во име на цела нација, на цела држава, постојат надлежни институции кај нас. Ние не сме не знам која држава од трети, четврти свет. Мораме тоа што е сега модификуван француски предлог да го искомуницираме, се разбира прво во Владата, коалициските партнери да си го искомуницираат, мора да се искомуницира со македонската јавност и мора да се искомуницира со македонскиот парламент“, изјави Пендаровски Сител.
Тој кажа дека за овој модификуван предлог ќе се чека официјално мислње и од Скопје и до Софија.
Владата потврди дека го добила францускиот предлог за решавање на спорот со Бугарија и отворање на преговорите за Македонија со ЕУ. Од Владата велат дека предлогот ќе оди на широка јавна расправа бидејќи одлуката за иднината на земјава треба да се донесе заеднички, мериторно и согласно.
„До Владата преку Министерството за надворешни работи, од француското претседателство пристигна предлог со идеи кои се однесуваат на нашите jaвно изнесени позиции и ставови. Ова претставува основа за отворање на широк консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со Претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупна јавност во земјата“, соопштија од Владата.
Францускиот претседател Макрон денеска на прес-конференција на НАТО самитот во Шпанија кажа дека мисли дека е најден компромис за Преговарачката рамка за членство на Македонија во Европската унија, кој ја вклучува и Бугарија.