ГРАЃАНСКИ И УПРАВНИ СПОРОВИ ЗАГЛАВЕНИ И ПО 15 ГОДИНИ ГИ ПЛАШАТ СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИ

    ГРАЃАНСКИ И УПРАВНИ СПОРОВИ ЗАГЛАВЕНИ И ПО 15 ГОДИНИ ГИ ПЛАШАТ СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИТОРИНа управните судови тоа што им е дадено од закони и норми им е како на тацна, но тие не се применуваат. - Од свеченоста на отворањето на новата зграда на Управниот суд на 6 јули (Фото: Министерство за правда)

    Македонија уште долго ќе остане земја која странските инвеститори претпазливо ќе ја заобиколуваат, или спорадично ќе инвестираат во неа, повеќе како дојдени во извидница. Овде нема судство за да го заштити нивниот капитал, нема владеење на правото какво што се бара за сигурен бизнис.

    Бројките од Врховниот суд за развлечени граѓански судски спорови, во кои се и стопанските, каде што се тужат компаниите, се фрапантни. Уште пострашно е што не е подобра ни состојбата со управните спорови, каде фирми и граѓани се тужат со државата (министерствата, органите на државната управа, фондовите, агенциите…).

    Има граѓански, стопански и управни предмети во кои странките чекаат правда и по 15 и повеќе години. Во граѓанските судови има спорови од десетици, до стотици милиони евра. Тоа како што остава лоша слика за нас како држава во очите на потенцијалните инвеститори, така ја продлабочува уште повеќе ниската доверба во судството. Зависно, кој на своја кожа што осетил и колку години чекал барајќи правда.

    „Во периодот од 01.01.2021 година до 23.06.2022 година во Одделот за разумен рок на Врховниот суд на Република Северна Македонија примени се вкупно 568 предмети, односно барања за повреда на правото на судење во разумен рок. Од нив, 169 барања се однесуваат на граѓански постапки, 124 на управни постапки, 68 на кривични постапки и 207 на жалбени постапки“, се податоците кои ги добивме од највисокиот суд.

    Зошто да им се влече постапката на овие луѓе со години за да мораат да бараат спас пред Врховниот суд? Какви се тие судии кои не сакаат да пресудат во законските рокови, дали се потплатени за да завлечат судски спор додека играат со судбините на луѓе кои губат илјадници и милиони евра, надевајќи се на праведни и ефикасни судии? Кои се по име и презиме тие претседатели на судови кои толерираат вакво однесување на судии, се прашањата кои се обидуваат претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и професорот Борче Давитковски да ги издигнат на едно алармантно ниво.

    „Принципот за судењето во разумен рок непосредно е поврзан со владеењето на правото. Почитувањето на овој принцип дава јасна слика за ефикасноста на судството и за правната сигурност во една држава и од тие причини неговата примена има поширок општествен контекст и значење, особено за економската област“, предупредува претседателката Адеми.

    На прашање каква слика дава ваквата ситуација пред очите на некој странски и домашен инвеститор или претприемач кој сака да отвори бизнис и дали ова е причината што многумина успешни бизнисмени или го преселија бизнисот во друга држава, или го затворија и се отселија од Македонија, таа вели:

    „Глобално потенциран факт е дека судењето во разумен рок претставува еден од основните услови за функционирањето на пазарната економија заснована на право и закони кои се почитуваат и се применуваат. Во оваа смисла, ефикасноста на судскиот систем и завршувањето на судските постапки во разумен рок се гаранција и силна порака за постоењето на правната сигурност која континуирано е во фокусот на економијата како сфера во која се градат облигационите односи и добрите деловни обичаи. Единствен начин да се подобри сликата за судењето во разумен рок е овој принцип доследно да се применува во согласност со стандардите на Европскиот суд за човекови права и слободи и да биде приоритет во постапувањето на судовите, што всушност е и заклучок од последната Конференција посветена на оваа тема во организација на Врховниот суд и Советот на Европа, со поддршка на ЕУ“.

    Професорот по упрaвно и административно право Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, за овие поразителни бројки со граѓанските и управните спорови, вели дека на управните судови се што е од закони и норми им е дадено на тацна, но тие не се применуваат. На пример, толерираат министер да им ја кочи постапката, да трпи граѓанинот, фирмата. Иако има казни за тоа, тие не ги казнуваат државните функционери кои ја одолговлекуваат постапката.

    „Па ова укажува отприлика и на перцепцијата на граѓаните што ја имаат: значи 92 отсто не веруваат на судството, веруваат само 8 отсто! Тоа значи дека е дојдено крајно време веќе за нешто да се стори во областа на реформите, во областа на судството. За неажурноста на судовите секогаш има и објективни, и субјективни причини. За објективните, нели имаат малку судии, а многу предмети. Во Управниот суд на пример немаат место за судници, цел суд има само една судница. Граѓанските предмети се одолговлекуваат затоа што и странките бараат едно, па друго, па трето, но во секој случај треба веќе да почнат да се занимаваат прво со перцепцијата. Оценувањето на судиите се врши сега по две методологии. Едната за оценување по сложеност на предметите, од која произлегува втората методологија, за оценка на судиите. Има и формула. Јас учествував во делот за оценка на судиите во Управниот суд и во Вишиот управен суд каде што отприлика најбитниот фактор за заокружување на оценката е должината на решавањето, квалитетот на решавањето, колку предмети на судијата му се укинати, колку не му се укинати, колку станале правосилни. Не случајно во новиот Закон за управни спорови од 2020 година наваму рокот за решавање на еден спор е 9 месеци. Порано беше една година. Но, ставивме една опаска, од рокот на комплетирање. Тие имаат проблем со комплетирање на предметите. Но затоа пак им ставивме една алатка. Значи ако министерот или службеното лице не го достави предметот во рокот кој судот ќе го определи, судијата може да го казни до 20 отсто од платата. Пет предмети по 20, е една министерска плата“, кажува Давитковски колку им е овозможено на судиите преку закон, за брзо да одлучуваат и да не ги маткаат странките со години.

    „Исто така Управниот суд имаше проблем и со извршувањето на пресудите, бидејќи органите на управата не сакаа да ги извршуваат. И тука им дадовме алатка на судиите, да може пак да казнуваат по 20 отсто од плата одговорни лица или министри ако не ги извршуваат пресудите. За жал, еве веќе две години поминаа како се употребува новиот закон, се уште Управниот суд расправа на затворена седница место на јавна, а овие алатки што ги споменав, не се користат. Се уште судот нема казнето министер или службено лице кое што ја води постапката поради тоа што не им го комплетираат предметот. Ете затоа е оваа недоверба во судството, затоа се овие бројки во одделот за судење во разумен рок и затоа се тие стотици претставки во Судскиот совет од незадоволни граѓани и правни лица, кои го имаат затрупано“, алармира и професорот Давитковски.

    Тој вели дека истото се однесува и на Граѓанскиот суд и на граѓанските одделенија во судовите.

    „Не се работи, гледате вие дека во пет до 12 им текна дека 60 судии на први јули ќе одат во пензија и задоцнија со измените на Законот за работни односи за да им го продолжат рокот за пензионирање. Треба и поажурно менаџирање на овие најбројни предмети од страна на претседателите на судовите. Треба и Врховниот суд кој ја креира правосудната политиката да дава задолжителни мислења. Има и посебно одделение за судење во разумен рок, би требало да интервенира, а и Судскиот совет којшто ги бира и разрешува судиите. Мислам дека тука еднаш веќе треба ред да се направи!“, бара тој.

    За траорните граѓански спорови кои траат и над една деценија, а меѓу кои има и милионски спорови по вредност, Давитковски вели:

    „Ние тоа ‘слободно судско уверување’ кога ги носат одлуките, многу така брутално го толкуваме. Во Управниот суд на пример имаме еден совет за иста материја да го усвои тужбеното барање, а другиот совет да го одбие. Тоа е недопустливо во правна држава! И судиите секогаш се вадат – тоа е наше, слободно судско уверување. Тоа нема врска! Во такви случаи треба веднаш претседателот на судот да закаже седница и да се усогласи судската пракса. Веќе имаат алатка за тоа“, зборува Давитковски колку е катастрофално управното судство и зошто со право се плаши некој да инвестира во Македонија.

    Гледате дека не им се работи, ни на власта ни на судството, критикува Давитковски и кажува многу прости и едноставни чекори кои тие можат, а не сакаат да ги направат за да мрдне од нула довербата во судството, како за домашните, така и за странските граѓани и инвеститори. – Борче Давитковски; Беса Адеми (Фото: МИА)

    Тој смета дека најмногу треба да се влијае од Врховниот суд како највисок суд и од Судскиот совет, кои треба да ги штитат граѓаните од неовластени постапки.

    „Повторувам: алатки имаат, има и методологии кои се усогласени со европските стандарди, само треба се применуваат. За жал кај нас формално-правно кога ќе видите се е в ред, но практиката покажува друго, а тоа се гледа еве и по бројот на нерешени предмети, па со години се решаваат предмети… Тука, што ќе се воочи како индикатор во овие извештаи, треба веднаш треба да се реагира! Тоа е работата на надлежните органи“, укажува тој.

    „Судскиот совет кога ќе ги види овие бројки, нема потреба да чека странка да ѝ поднесе барање за покренување постапка против некој судија, дисциплинска или за разрешување за несовесно и за незаконито работење. Или да играат мајтап, кога со име и презиме е наведен некој таков судија, а Судскиот совет да вика: ‘Не сте ја навеле адресата на судијата’. Тоа е само нејќење да работат она за што се надлежни. Па нека си одат. Ако не се способни да си ја вршат работата, треба да си одат. Токму тие нашите контролни механизми затајуваат. И затоа судиите работат така анархично, кој како сака“, ја прикажува целата мизерна слика професорот Давитковски.

    На прашање што се случува кога некој што сака да инвестира во Македонија ќе се распраша и ќе дознае како работат судовите, и дали тој би сакале да ги фрли туку та своите пари на несигурен правен терен, Давитковски вели:

    „Странците кога доаѓаат овде, тие земаат многу добри адвокатски канцеларии. Адвокатите дебело го наплаќаат тоа, но знаат да ‘истрчаат’. Да го истрчаат предметот и да се заврши како што треба. За жал. Но, нема потреба да се даваат толку пари. Странските инвеститори нема потреба да даваат толкави пари на адвокатските канцеларии, но таква ни е состојбата. Тука очигледно има поврзаност помеѓу адвокати и судии, така и се вршат работите. Како што во кривичните предмети играат поврзани обвинители и судии итн. Оваа перцепција од 92 проценти недоверие треба кај сите да предизвика реакција. Јас гледам мува не ги лази ни судии, ни Судски совет, ни Врховен суд, ни Министерството за правда. Ај да не се меша извршната власт, ама ова е веќе алармантна ситуација!“.

    Тој вели дека кога ќе отвориме 23 и 24 поглавје, правна држава и заштита на човековите права, предмети, пред сите органи – и пред административни, и пред судски органи, дали кривичен, граѓански, управен суд итн, дека ние овие бројки не можеме да ги скриеме.

    „Фактички овие бројки ќе кажат зошто ни е баш ваква перцепцијата на граѓаните за судството и ќе имаме сериозни забелешки“, предупредува со време Давитковски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира