ГИ РАЗБИРАМ ВАШИТЕ ФРУСТРАЦИИ И СОМНЕЖИ, НО ГЕРМАНИЈА Е НА ВАША СТРАНА И ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ ГИ СОВЛАДАМЕ ЗАДАЧИТЕ, ВЕЛИ КАНЦЕЛАРОТ ШОЛЦ ВО ОБРАЌАЊЕ ДО МАКЕДОНСКИОТ НАРОД

    ГИ РАЗБИРАМ ВАШИТЕ ФРУСТРАЦИИ И СОМНЕЖИ, НО ГЕРМАНИЈА Е НА ВАША СТРАНА И ЗАЕДНИЧКИ ЌЕ ГИ СОВЛАДАМЕ ЗАДАЧИТЕ, ВЕЛИ КАНЦЕЛАРОТ ШОЛЦ ВО ОБРАЌАЊЕ ДО МАКЕДОНСКИОТ НАРОДГерманскиот канцелар Олаф Шолц со македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Скопје на 11 јуни. (Фото: СДК.МК)

    Јас го разбирам вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ, вели германскиот канцелар Олаф Шолц во денешното обраќање до Северна Македонија во врска со предлогот за почеток на пристапните преговори со ЕУ.

    „Вашата земја повторно се соочува со носење на една многу важна одлука: Дали сакате да го прифатите европскиот компромис? Со тоа, 17 години по доделувањето на статусот на кандидат за членство во ЕУ, може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. Тоа ќе биде важен чекор што ќе ве приближи до членство во ЕУ и со што ќе се надмине блокадата. Јас ги разбирам Вашата нестрпливост и Вашата фрустрација. И повеќе од тоа: ги споделувам со Вас! Јас Ве разбирам кога ќе кажете: Нам ни беше предолго и премногу ветувано. Тоа што се бараше од нас беше премногу. Јас го разбирам Вашиот сомнеж дали со овој чекор навистина ќе се отвори патот за влез во ЕУ“, се вели во обраќањето објавено од Германската амбасада во Скопје.

    Шолц додава дека и по прифаќањето на предлогот, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен, но дека Германија е и ќе остане на наша страна и заеднички ќе ги совладаме задачите.

    „Сакам да бидам сосема искрен со Вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така Ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат. Затоа што сакаме да бидете членка на оваа Европска Унија! Ние Ве сакаме Вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија во која се чуваат и се негуваат Вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни“, вели Шолц.

    Германскиот канцелар на крајот вели дека компромисите понекогаш значат болни отстапки, но и самата ЕУ се состои компромиси, секојдневно.

    „Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни. Ние сме и ќе останеме на Ваша страна“, вели Шолц.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира