ГРАДЕЖНИЦИТЕ НА КОРИДОРИТЕ 8 И 10 ЌЕ РАБОТАТ 40, А НЕ 60 ЧАСА НЕДЕЛНО, ОДЛУЧИ УСТАВНИОТ СУД

    ГРАДЕЖНИЦИТЕ НА КОРИДОРИТЕ 8 И 10 ЌЕ РАБОТАТ 40, А НЕ 60 ЧАСА НЕДЕЛНО, ОДЛУЧИ УСТАВНИОТ СУДСпоред Законот за работни односи, максималното работно време е 40 часа неделно. (Фото: СДК.МК)

    Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридор 10 (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.163/2021), информираат од службата за комуникации на Уставниот суд.

    Во членот 12 меѓу другото е предвидено дека „работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.

    Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член бидејќи е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.

    Според Законот за работни односи, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно.

    Подносители на иницијативите се: ССМ претставуван од претседателот Дарко Димовски и Синдикатот за градежништво и индустрија претставуван од претседателот Иван Пешевски, и Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ Штип, претставувано од Кристина Ампева.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира