Тетовка е тешко повредена од заталкан куршум, најверојатно при свадбена веселба. Со доаѓањето на нашите сонародници кои се на работа во странство, во Тетовскиот и Гостиварскиот Регион во полн ек се свадбите каде, освен музика и веселба, речиси задолжително се организираат и огномети, а неретко се пука и од огнено оружје.
„Вчера во 18.30 часот во СВР Тетово било пријавено дека 59-годишната тетовка С.Ш. во дворот пред семејната куќа на улица ЈНА во Тетово била погодена од заталкан куршум, по што била пренесена за укажување на лекарска помош во тетовската Клиничка болница. Увид извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Тетово и се расчистува и документира случајот“, се вели во соопштението испратено од тетовската полиција.
Вакви повреди или други штети на возила и објекти предизвикани од заталкани куршуми имало и во минатите години и токму затоа од СВР Тетово апелираат да не се користи огнено оружје при ваквите свечености, а воедно потсетуваат и на казните кои можат да бидат изречени за ваквите прекршоци.
„Секторот за внатрешни работи Тетово апелира до граѓаните да се воздржат од пукање со огнено оружје, како и од неовластено организирање огномети, кои во последно време се практика на ова подрачје. СВР Тетово повторно ги потсетува граѓаните дека пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и дека паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31, се движи од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години“, информираат од СВР Тетово.
Од тетовската полиција исто така укажуваат дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а организаторите треба навреме да ги преземат законски пропишаните превентивни мерки.
З. АНДОНОВ