„Јас, Димитар Ковачевски, сум Македонец од раѓање. Знам една работа. Ниту една хартија не може да ми го одземе или намали мојот идентитет, јазик и историја, кои ме прават Македонец и за кои имам света обврска да ги почитувам и зајакнам. Немам дилема по ниту еден основ и прашања“, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето пред патениците на пленарната седница на Собранието на која почнарасправата за информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ, предложена од Претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни. Додека зборуваше Ковачевски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ правеа бучава свирејќи на вувузели и свирчиња, извикуваа „предавник“ и држеа натписи против францускиот предлог.
Ковачевски кажа дека ово европски предлог на вистински начин ги отсликува макеоднските дефинирани позиции.
„Прво, јасно го прецизира македонскиот јазик како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија. Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик. Да, со европскиот предлог, целиот процес на нашите преговори, сите милиони страници во годините што следат, заклучно со Актот за полноправно членство, ќе бидат напишани на македонски јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех. Второ, сите билатерални прашања со источниот сосед, но и било кои други билатерални прашања со било која друга држава, особено соседна, не се дел од Преговарачката рамка со Брисел. Токму таа Преговарачка Рамка е Уставот на нашето интегрирање во ЕУ. И најважно од се, таа е ослободена, прочистена, од ваков тип на прашања. И тоа е уште една голема работа. И трето, со европскиот предлог, се дефинира одржување на првата Меѓувладина конференција веднаш. Сега и во Брисел. Ние добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската Комисија. Со сите нишани и стандарди“, рече премиерот и додаде:
„Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата. На ваков предлог, кој целосно ги отсликува нашите државни интереси и црвени линии, јас, Владата и Претседателот на државата, кажав и кажавме ДА. И ја доставивме на увид целата Преговарачка рамка. За да биде се отворено и на увид на целата јавност. Ништо сокриено, ништо тајно. Напротив, и како личност и сега како политичар, секогаш сум кажувал отворено, честопати и премногу отворено и искрено. Но, така е најдобро. Да знаеш кога и зошто да кажеш НЕ, и да знаеш кога и зошто да кажеш ДА“.
Потоа тој укажа дека Макеоднија повеќе од повеќе од 30 години, опстојува како независна и суверена држава, а „граѓаните се уморни од политикантите кои цели 30 години најавуваат апокалипса, поделба и распад на државата, уморни се со право од секојдневните политикантски пророци кои ја закопуваат македонската држава, македонската историја, јазик и култура“.
„Имавме и досега тешки, но нужни одлуки. И кога го донесовме Рамковниот Договор, и кога се носеше Преспанскиот Договор. Но, државата опстоја и не пропадна. Државата не се подели, напротив влезе во НАТО и денес имаме, во услови на војна и тотална криза, лична и колективна безбедност. И никој не успеал да го асимилира македонскиот или било кој друг народ во државата и во потешки времиња од сегашното. Векови се обидувале разни страни тоа да го направат. Не успеале тогаш, не успеале денес, нема да успеат ни утре. Бидејќи најдобра одбрана за идентитетот е токму прогресот на државата, движењето напред и конечна европеизација на државата. Нема да дозволиме, како во време на режимот, државата да се претвори во изолирана, затворена и криминална енклава, во која политичката елита безмилосно краде и разграбува, а граѓаните бараат туѓи пасоши и работа во странство. Ова е последна борба помеѓу деструкцијата и песимизмот и отвореноста и оптимизмот.“, рече Ковачевски.
Тој укажа дека целосно ја разбира загриженоста на граѓаните и токму затоа, потенцираше дека Владата се обврзува оти никој не смее, нема право и нема да преговара за македонскиот јазик, посебниот историски, културен идентитет и засебност, во било кое време и за било која причина. Тоа е рече тој, „јасна, цврста и непроменлива обврска. Повторувам, за секого, во било кое време. Точка“.
„Не се согласувам да плачеме на својата судбина, туку да се бориме на вистински начин, за сегашноста и иднината. Сигурни во себе и својот идентитет, без компромиси, секогаш и во сите времиња. И што побрзо, како дел од обединета Европа и дел од мирен и прогресивен регион“, рече Ковачевски на крајот и заврши со славнит цитат од „Пиреј“ на Петре М. Андреевски: „Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат коштева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева“.
По завршувањето на говорот, Коваевски замина од Собранието, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ свиреа на вувузелите секојпат кога збор ќе земеа пратениците од СДСМ. Пратеник Јован Јаулески од ВМРО-ДПМНЕ на говорница ја запали владината информација за францускиот предлог.
Седницата заврши во 18 часот, а продолжува утре во 11.