СИРЕНИ ЗА ТРЕВОГА ВО КИЕВ И ЦЕЛА УКРАИНА, РУСКИ ПРОЕКТИЛИ ГО ПОГОДИЈА ДНИПРО

    СИРЕНИ ЗА ТРЕВОГА ВО КИЕВ И ЦЕЛА УКРАИНА, РУСКИ ПРОЕКТИЛИ ГО ПОГОДИЈА ДНИПРОЗавчера во нападот на Виница загинаа 23 луѓе, меѓу кои и три деца, едно 4-годишно девојче и две момчиња на 7 и 8 години. (Фото: АП)

    Сирените за тревога за воздушен напад утрово се огласија низ Киев, а Русија ги засили бомбардирањата со ракети со долг дострел на украинските градови во кои загинаа најмалку 34 луѓе во последните три дена, а голем број беа ранети.

    Крстосувачки проектили истрелани од руски стратешки бомбардери доцна синоќа го погодија градот Днипро, најголем град на реката Днепар во југоисточна Украина, при што загинаа најмалку три лица, а ранети 15, додека сирените за воздушен напад одекнаа низ целата земја, соопштија властите. Нападот на Днипро се случи еден ден по рускиот ракетен напад во Виница, град југозападно од Киев, во кој загинаа најмалку 23 луѓе, а беа ранети повеќе од 200. Меѓу загинатите има три деца: едно 4-годишно девојче и две момчиња на 7 и 8 години. Нападот врз Виница со крстаречки проектили лансирани од руска подморница беше последниот што предизвика меѓународен гнев откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари.

    Руската воена кампања се фокусира на Донбас на истокот на Украина, но руските сили, исто така, напаѓаат во други делови од земјата.

    Украинското Министерство за внатрешни работи вчера соопшти дека руските сили извршиле повеќе од 17.000 напади врз цивилни цели за време на војната, убивајќи илјадници борци и цивили, а милиони протерале од нивните домови. Инвазијата, исто така, ја зафати светската економија со зголемување на цените и намалување на извозот на клучните украински и руски производи како што се житото, горивото и вештачкото ѓубриво.

    Додека беснејат борбите, Русија забележа напредок во разговорите за можен договор да ѝ дозволи на Украина да го користи Црното Море за извоз на милиони тони жито, што би можело да помогне да се нахрани светот кој се соочува со недостиг и повисоки цени на храната. Алудирајќи на разговорите во Истанбул оваа недела меѓу Русија, Турција, Украина и Обединетите нации, портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-полковник Игор Конашенков рече дека е подготвен конечен документ и дека другите учесници „во голема мера ги поддржале“ руските предлози за помош во олеснувањето на пратките житото преку украинските пристаништа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира