Руските сили вчера истрелаа проектили и гранати врз градови и населени места низ Украина, откако руската војска објави дека го засилува нападот. Украина објави дека загинале уште најмалку 17 цивили.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу даде „инструкции за понатамошно интензивирање на акциите на единиците во сите оперативни области, со цел да се исклучи можноста режимот на Киев да изврши масовни ракетни и артилериски напади врз цивилната инфраструктура и жителите на населените места во Донбас и другите региони“, соопшти вчера неговото министерство.
Руската воена кампања се фокусираше на источен Донбас, но новите напади ги погодија и областите на север и на југ. Харкив, вториот по големина град во Украина, доживеа особено силни бомбардирања во последниве денови, при што украинските власти и локалните команданти изразија стравување дека можеби се наѕира втор целосен руски напад врз северниот град.
Во исто време, претседателот Володимир Зеленски ги повика Украинците да не наседнуваат на обидите на Русија да ги исплаши со предупредувања за претстојните ужасни ракетни напади, кои, според него, имаат за цел да го поделат украинското општество.
„Понекогаш, информациското оружје може да направи повеќе од обичното оружје“, рече тој во своето ноќно видеообраќање до нацијата.
„Јасно е дека ниту една руска ракета или артилерија нема да може да го скрши нашето единство или да нè оттргне од нашиот пат кон демократска, независна Украина. И, исто така, јасно е дека украинското единство не може да се наруши со лаги или заплашување, лажни или теории на заговор“, рече Зеленски.