ПОЧНА НАПЛАТАТА НА ПАТАРИНИТЕ НА АВТОПАТОТ МИЛАДИНОВЦИ-ШТИП, СЕ ЗГОЛЕМИ КОРИСТЕЊЕТО НА СТАРИОТ ПАТ НА КОЈ НЕМА НАПЛАТНИ СТАНИЦИ

    ПОЧНА НАПЛАТАТА НА ПАТАРИНИТЕ НА АВТОПАТОТ МИЛАДИНОВЦИ-ШТИП, СЕ ЗГОЛЕМИ КОРИСТЕЊЕТО НА СТАРИОТ ПАТ НА КОЈ НЕМА НАПЛАТНИ СТАНИЦИНа наплатната рампа Кадрифаково се оечкува да минат дневно и до 7.000 возила. (Фото: СДК.МК)

    Денеска почнаа со работа двете патарини на автопатот Миладиновци-Штип. Цената на  наплатната станица кај Кадрифаково е 50 денари и 70 денари кај Преод пред Миладиновци. Сега, моторните возила кои патуваат од Штип за Скопје заедно со патарината од 40 денари пред Скопје вкупно ќе плаќаат 160 денари во еднa, односно 320 денари во двете насоки. Моторните возила кои од Штип ќе патуваат за Велес ја имаат само патарината кај Кадрифаково.

    Ова се цени за автомобили додека патарината за возилата со повисока категорија изнесуваат: за 2-ра категорија 90 денари, 3-та категорија 150 и 4-та категорија возила 220 денари кај Кадрифаково, а на наплатната станица Преод кај Миладиновци цените за овие категории изнесуваат 100, 180 и 270 денари. Наплатните станици имаат сигнализација за распоредување на возилата во зависност од нивната категорија.

    Кај наплатаната станица кај Кадрифаково каде беше и екипа на САКАМДАКАДКАЖАМ.МК забележавме голема фреквенција на моторни возила и во двете насоки, но поголема кон Скопје. Поголем дел од возачите и патниците биле информирани за стартот на наплатните станици, но имаше и такви кои не знаеле и беа изненадени.

    „Со работа започнавме утринава во 7 часот. Во функција се седум наплатни кабини, односно има вкупно 6 коловозни ленти по три за двете насоки. Првите две ленти од десно се за возилата кои користат М-таг електронски уред, додека останатите ленти се за наплата во готово или со картица. Првиот ден, можеби ќе се јават некои мали застои, посебно кај М-таг електронскиот уред, но наши стручни лица преку целиот ден ќе дежурираат и веднаш ќе интервенираат“, велат вработените на наплатната станица Кадрифаково која како и сите наплатни станици се во надлежност на Јавното претпријатие за државни патишта.

    Според нив, со оглед на досегашното испитување на фрекфенцијата на моторните возила се очекува наплатната рампа кај Штип која ќе важи за возилата кои патуваат за Скопје, но и за оние кои заминуваат за Велес, дневно да ја поминат од 6.000-7.000 возила.

    Фреквенцијата може да биде уште поголема, но уште првиот ден од функциионирањето на наплатните рампи на новиот автопат Штип-Миладиновци беше забележливо дека е зголемена фреквенцијата на моторните возила, посебно на такси возилата кои го користат стариот пат Три-Чешми-Кадрифаково на кој нема наплатни рампи, па на клучката кај ова село тие можат да го продолжат патот за Скопје, но и за Велес и избегнуваат една наплатна станица.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира