На Европска Унија ѝ треба нова стратегија за војната во Украина бидејќи санкциите против Москва не функционираат, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Таа нова стратегија треба да се фокусира на мировни разговори и постигнување добар мировен предлог, место на победа во војната“, изјави Орбан при посетата на Романија.
Тој повтори дека Унгарија нема да се меша во војната во соседната Украина и нема да поддржи европски ембарга и ограничувања на увозот на рускиот гас зашто тоа би ја поткопало унгарската економија.
Според него, западната стратегија за Украина се потпира на четири столба: дека Украина може да ја добие војната со НАТО оружја, дека санкциите ќе ја ослабнат Русија, дека тие ќе ја погодат Русија повеќе од Европа и дека светот ќе застане зад Европа.
„Гледаме дека оваа стратегија не успеа и дека владите во Европа паѓаат како домино, а цените на енергијата растат. Седиме во автомобил на кој сите четири гуми се дупнати“.
Тој смета дека Украина не може да ја победи далеку помоќната руска војска и дека не постои шанса за мировни разговори помеѓу двете земји.
„Бидејќи Русија бара безбедносни гаранции, војната може да заврши само со договор Русија-САД“, кажа Орбан.