Јапонија го погуби 39-годишниот маж кој уби седуммина луѓе во Токио во 2008. Томохиро Като имаше 25 години кога го изврши едно од најшокантните масовни убиства во модерната историја на Јапонија.
Тој прво влета со комбе меѓу пешаци во трговската област Акихабара, убивајќи три лица, по што почна да боде случајни минувачи со нож. Притоа уби уште четворица и рани осуммина.
Като беше уапсен на местото на злосторството и на судењето кажа дека го извршил нападот како одмазда за онлајн злоставувањата. Јапонија потоа ги заостри законите за поседување нож.
Владата денеска потврди дека Като бил обесен во затворот во Токио осум години откако беше осуден на смртна казна.
„Дојдов во Акихабара за да убијам луѓе. Не ми беше важно кого ќе убијам“, кажа Като по апсењето.
Јапонија е една од последните развиени држави во кои што постои смртна казна. Во декември биле погубени тројца осуденици, а Като е првиот оваа година.