Градот не може и не смее да се покрие целосно со асфалт, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ откако градоначалничката Данела Арсовска по Градскиот парк викендов асфалтираше патека и на кејот на реката Вардар. Од „Шанса за Центар“ велат ако се продолжи со покривање на целиот град со асфалт и бетон, Скопје ќе стане голем жежок топлотен остров во кој условите за живот ќе бидат уште полоши од сегашните.
„Сите анализи кои ги направи самиот Град Скопје во соработка со меѓународни организации во рамки на проектот ‘Отпорно Скопје‘ укажуваат дека досегашната прекумерна и непланска замена на природните и зелените површини со бетон и асфалт создаде локации во градот на кои температурата достигнува и до над 60 целзиусови степени во лето. Дополнително, научно е докажано дека овие материјали не пропуштаат вода со што се намалува пропусноста на почвата, се намалуваат подземните води, а градските улици се претвораат во површини на кои водата се собира и тече како по корита на реки со што се зголемува опасноста од поплавување“, велат од „Шанса за Центар“.
„Уништувањето на парковите е спротивно на зелената агенда на Европската Унија и климатските цели на Обединетите нации и спротивно на сите стручни проекции за тоа како треба да се подготвиме за нашите градови да бидат поотпорни на претстојните климатски промени“, додаваат од „Шанса за Центар“.
Минатата недела за асфалтирањето на паркот реагираше и граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ и побара Арсовска да престане со активностите за бетонирањето на Градски парк.
А. АНТЕВСКА