Претседателот Стево Пендаровски постхумно ѝ додели Орден за воени заслуги на првата македонска партизанка Невена Николова Георгиева-Дуња, со што, како што кажа, на симболичен начин исправи една историска неправда: тоа што никогаш не била прогласена за народен херој.
Георгиева загинала на 17 години, на 16 декември 1942 кај велешкото село Нежилово, откако нејзиниот одред бил нападнат кај соседното село Папрадишта, по што дошло до нерамноправна борба. Откако била тешко ранета, бугарските фашисти го масакрирале нејзиното мртво тело, ѝ ја отсекле главата, ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да го заплашат македонскиот народ. Потоа главата ја ставиле во еден централен излог во Велес.
„Кога ќе се спомне името на Дуња, многумина сметаат дека таа е народен херој од НОБ, но фактите кажуваат нешто друго. Затоа постхумно ја одликуваме со овој медал“, кажа Пендаровски.
Седумдесет и осум години по загинувањето на Георгиева во судир со бугарската полиција и велешките контрачетници, орденот му беше врачан на нејзиниот брат Љубиша Николовски.
Родена на 25 јули 1925 во Скопје, Георгиева почнала со револуционерната дејност како членка на СКОЈ, за на 16 години да му се придружи на Првиот скопски партизански одред како еден од неговите први 12-мина припадници. Покрај скопскиот, учествувала во формирањето на уште два партизански одреда, велешкиот и струмичкиот, одејќи пешки низ Македонија за да го мотивира народот да се придружи на борбата. Станувајќи непријател број еден за бугарските окупациски власти поради своите активности, тие во отсуство ја осудиле на седум години затвор, а нејзината глава ја уцениле на 4.000 лева.
Г. КОНЕВ