КИНА ГИ ИСПУКА ПРВИТЕ ПРОЕКТИЛИ ОКОЛУ ТАЈВАН ОД 1996, ВОЕНАТА ВЕЖБА ЦЕЛОСНО ГО БЛОКИРАШЕ ОСТРОВОТ

    КИНА ГИ ИСПУКА ПРВИТЕ ПРОЕКТИЛИ ОКОЛУ ТАЈВАН ОД 1996, ВОЕНАТА ВЕЖБА ЦЕЛОСНО ГО БЛОКИРАШЕ ОСТРОВОТКина кажа дека вежбата ќе трае до недела на пладне (Фото: АП)

    Кинеската војска испукала неколку проектили околу Тајван откако ја почна најголемата воена вежба во регионот досега, како одговор на посетата на водечката американска демократка Ненси Пелоси на островот. Пекинг претходно потврди дека неколкудневната вежба ќе вклучи и гаѓање со муниција со долг дострел, што Тајван и САД го опишаа како неодговорно.

    Денеска беа откажани повеќе од 50 летови од и кон меѓународниот аеродром во Тајпеј, додека комерцијалните бродови се принудени да го избегнуваат Тајванскиот Теснец, еден од најпрометните водени патишта на светот, што се очекува да ги наруши ланците на снабдување и да доведе до одложувања во глобалниот превоз. Кинеската воена вежба практички го блокираше Тајван и на вода и од воздух.

    Кина кажа дека вежбата ќе се одвива во шест различни зони, од кои некои се на само 20 километри од Тајван и ќе трае до недела на пладне. Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека 11 кинески балистички проектили „донгфенг“ биле испукани во водите околу островот, што последен пат се случи во 1996 година. Тајван ја осуди вежбата, за која кажа дека ги крши правилата на Обединетите нации и ја стави својата војска во состојба на висока подготвеност.

    Кинеските државни медиуми објавија снимки од вежбата, на кои се прикажани борбени авиони, воени бродови и копнено оружје.

    „Посетата на Пелоси беше манична, неодговорна и крајно неразумна. Кина стори сè што можеше за да се избегне криза, но нема да дозволи нејзините интереси да бидат повредени. Тајван некогаш ќе се врати во прегратките на својата татковина“, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира