Една од анонимните пријави за кои што обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска обезбедила судска наредба за проверка во Управата за финансиска полиција (УФП) била за станицата во која што бил извршен технички преглед на автобусот на „Беса Транс“ што изгоре во Бугарија, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК. Имало уште една таква пријава во врска со станицата, а е против МВР.
Во автобуската несреќа на 23 ноември лани загинаа 45 луѓе. Скопското јавно обвинителство, притоа, води постапка за фирмата “Беса транс”, чиј автобус изгоре.
Како што дознаваме, тимот обвинители и истражители претходно обезбедиле документација од најмалку четири институции од локалната и од извршната власт, со што ги обезбедиле индициите за можни нерегуларности, што било доволно најверојатно и судијата веднаш да потпише наредба за да се проверат тврдењата во анонимната пријава преку претрес на документите во Финансиската полиција во врска со оваа станица за технички преглед.
Според она што досега е објавено од обвинителството во врска со претресот во УФП, во врска со кој директорот Арафат Муареми најави дека ќе поднесе кривични пријави за обвинителите, а Русковска ја пријави кај државниот обвинител Љубомир Јовески и во Советот на јавни обвинители, се знае само дека од бараните од околу 300 предмети, дадени се на обвинителството само 30-тина, за кои веќе има кривични пријави.
Незавршените предмети, кои што се од интерес за обвинителите од Организиран криминал и коруција, сè уште не се доставуваат.
С. К. ДЕЛЕВСКА