Големи експлозии се регистрирани во воена база на Крим, украинскиот полуостров анектиран од Русија во 2014. Олег Кручков, советник на прорускиот регионален гувернер, кажа дека имало експлозии во западното село Новофедоривка.
Локални сведоци изјавија за „Ројтерс“ дека црн чад се забележува во правецот на авионската писта. Тие кажаа дека се слушнале најмалку 12 експлозии со различен интензитет во рок од една минута.
„По 30 минути имаше уште една експлозија, најгласна од сите“, кажаа сведоците.
Руското министерство за одбрана подоцна соопшти дека имало детонација на муниција, но дека тоа не било под влијание на пожар. Регионалниот гувернер Сергеј Аксјонов изјави дека е воспоставена зона од пет километри со забранет пристап околу местото на експлозиите.
Аксјонов потврди дека загинало најмалку едно лице.
Ова е најголемиот инцидент на Крим од почетокот на руската инвазија на Украина и се случува 200 километри од линијата на фронтот.