ДОМАШНА ИЛИ БОЛНИЧКА ИЗОЛАЦИЈА ДО ТЕСТИРАЊЕТО НА СОМНИТЕЛНИТЕ ЗА МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ, ПРЕПОРАЧА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    ДОМАШНА ИЛИ БОЛНИЧКА ИЗОЛАЦИЈА ДО ТЕСТИРАЊЕТО НА СОМНИТЕЛНИТЕ ЗА МАЈМУНСКИ СИПАНИЦИ, ПРЕПОРАЧА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИНа Клиниката за инфективни болести нема хоспитализиран пациент суспектен за мајмунски сипаници. (Фото: СДК.МК)

    Изолација во домашни или болнички услови на сомнителните случаи за мајмунски сипаници до нивно тестирање; изолација на потврдени случаи во домашни или болнички услови до завршување на болеста или зацелување на крастите; секојденевно епидемиолошко следење на контакти на потврдени случаи со мајмунски сипаници за време на трење на инкубацискиот период од 21 ден, препорача Комисијата за заразни болести по појавата на суспектен случај на мајмунски сипаници во земјата.

    Комисијата вели дека сите надлежни институции се активно вклучени во процесот на епидемилошка анализа, лабораториска потврда и изолација на суспектниот случај.

    Министерството за здравство денеска соопшти дека на Клиниката за инфективни болести нема хоспитализиран пациент суспектен за мајмунски сипаници. Во врска со пациентот од Кичево за кој вчера објавија дел од медиумите, Министерството велид дека според информациите од кичевската болница, станува збор за суспектен пациент кој е во добра здравствена состојба и со уредни лабораториски резултати, и дадена му е препорака за тестирање. Во моментов се организира епидемиолошки тим кој ќе спроведе епидемиолошка анкета.

    „До овој момент не е доставен материјал за тестирање во Институтот за јавно здравје и во државата нема потврден случај на мајмунски сипаници“, вели Министерството за здравство.

    Мајмунски сипаници се вирусна болест преизвикана од истоимен вирус, а која е регистрирана во повеќе земји од Централна, Западна Африка, Европа, Америка и Канада. Извор на заразата е заболено животно или човек. Симптомите се слични како и за другите сипаници: температура, трески, главоболка, мускулни болки, болка во грбот, отечени лимфни јазли, замор, исип. Периодот на инкубација е од 5 до 21 ден зависно од патот на пренесување и изложување на болеста. Компликациите можат да бидат секундарни инфекции, бронхопневмнија, енцефалитис, инфекција на рожницата на окото со губење на видот и сепса.

    Вирусот се пренесува преку директен контакт со крв, лезии, телесни течности од заразено животно, верверички, стаорци, глувци , мајмуни, јадење на недоволно термички обработено месо од заразено животно, директен контакт со заболено лице, вдишување на респираторни капки кои болниот ги исфрла кога зборува и кашла, близок контакт со телесни течности и кожен исип на заразено лице.

    Според препораките на Министерството од пред два месеца, треба да се избегнува контакт со диви животни и при употреба на месо од нив тоа да биде добро термички обработено. Лицата кои имаа професионално контакт со заболени диви животни и нивни органи и ткива да користат заштитни ракавици, маски, очила, мантили, престилки, обувки. Исто така, да се избегне близок физички контакт со лица кои евентуално имаат или се сомнителни на мајмунски сипаници, како и контакт со нивни телесни течности.

    На крајот на јули, данската биотехнолошка компанија „Баваријан нордик“ објави дека Европската комисија дала одобрение нејзината вакцина „имванекс“ да се продава како заштита од мајмунски сипаници, како што беше препорачано од Европската агенција за лекови. Претходно, Светската здравствена организација го прогласи последното ширење на мајмунски сипаници за глобална итна здравствена ситуација, што е највисок степен на тревога. Досега се регистрирани повеќе од 20.000 случаи во речиси 80 држави во најголемото ширење на вирусот надвор од Африка досега. Оваа вакцина претходно беше одобрена како заштита од мајмунски сипаници и во САД и Канада, додека во ЕУ, досега се користеше само за третирање на мали сипаници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира