Агентите на ФБИ барале документи поврзани со нуклеарното оружје кога во понеделникот упаднаа во домот на Доналд Трамп во Флорида, објави „Вашингтон пост“. Не е јасно дали такви документи се пронајдени во Мар-а-Лаго, додава весникот.
Јавниот обвинител Мерик Гарланд синоќа кажа дека лично го одобрил налогот за претрес, но не ја откри причината за претресот. Министерството за правда побара налогот да биде јавно објавен и Трамп изјави дека не се противи на тоа.
Претресот во Флорида беше дел од истрагата за тоа дали Трамп незаконски однесол документи од Белата куќа кога ја напушти во јануари 2021, од кои некои се сметаат за доверливи.
„Не само што нема да се спротивставам на објавувањето документи поврзани со неамериканскиот, неоправдан и непотребен упад во мојата куќа во Мар-а-Лаго, туку и ќе го охрабрам“, стои во соопштението на Трамп.
Првпат во американската историја беше извршен претрес во домот на поранешен претседател во рамките на кривична истрага и Трамп и Републиканците го осудија потегот како политички мотивиран. Трамп кажа дека ова е обид да се спречи негово повторно кандидирање за претседател во 2024 година.
Извор упатен во истрагата изјави дека од домот на Трамп биле однесени десет кутии. Истрагата за можно изнесување документи од Белата куќа почна пред една година на барање на Националниот архив на САД.