ПРЕТЕКНУВАЊЕ НА ПОЛНА ЛЕНТА, ВОЗЕЊЕ ПИЈАН, ДРОГИРАН И СО НАД 70 КИЛОМЕТРИ ОД ДОЗВОЛЕНОТО, ЌЕ СТАНЕ УМИСЛА И ЌЕ СЕ КАЗНУВА СО ЗАТВОР

    ПРЕТЕКНУВАЊЕ НА ПОЛНА ЛЕНТА, ВОЗЕЊЕ ПИЈАН, ДРОГИРАН И СО НАД 70 КИЛОМЕТРИ ОД ДОЗВОЛЕНОТО, ЌЕ СТАНЕ УМИСЛА И ЌЕ СЕ КАЗНУВА СО ЗАТВОРБезобзирното возење станува умисла, веќе не е небрежност, вели предлагачот на измените, Министерството за правда (Фото: СДК.МК)

    Возач кој претекнува на полна линија, вози во спротивната коловозна лента за таканаречениот руски рулет или за други егзибиции, претекнува на полна линија или вози под дејство на алкохол, дрога и опијати, вози 70 километри над дозволената брзина и не ги почитува сообраќајните правила и прописи, автоматски ќе добива затворска казна до три години, се предлага со измените на Кривичниот законик.

    Сега нема да треба да настане штетна последица, тешка телесна повреда или смрт при сообраќајни несреќи, за да може сторителите да се извлекуваат со условни или минимални затворски казни. Доволно е само возачот да биде пијан, под опијати, да претекнува на полна линија, или да вози „руски рулет“ во спротивна коловозна лента, да вози над 70 километри побрзо од максимално дозволената брзина на местото, за да биде казнет со затворска казна, вели подносителот на измените, Министерството за правда.

    Новото дело „Безобѕирно управување со моторно возило“ кое се предлага во Кривичниот законик, го елиминира условот за затворска казна „ако настане штетна последица, тешка телесна повреда, или смрт“. Ако сторителот исполнува некој од наведените услови, ниеден близок обвинител нема да може да го подведе пијанството, брзото возење, дрогата, возењето во спротивен правец и претекнувањето на полна лента, под „небрежност“. Според она што се предлага, нема да може и ниту еден судија роднина или близок на партија да ги спасува таквите обвинети со срамно мали казни како што е сега состојбата.

    По многу прегазени граѓани на пешачките премини, жртви на автопатите во сообраќајќи предизвикани од безобзирни возачи, обвинетите најчесто се спасуваа со лабави обвиненија и со ниски судски казни. Најдрастичен пример беше кога лани осудениот во „Рекет“ Зоран Милески-Кичеецот пуштен еден месец од затвор за да се лекува, кај Стража претекнувајќи на полна лента предизвика тешка сообраќајна несреќа. Иако предизвика верижен судир во кој едно лице загина, а повеќемина меѓу кои и тој беа повредени, а предизвика и значителна материјална штета, сепак, поради олеснителната околност дека не бил пијан, занемарувајќи дека претекнувал на полна линија, обвинителот му напиша лесно обвинение, на кое судот во Гостивар се извади и му одреди само 6 месеци затвор.

    Безобѕирното возење станува умисла, веќе не е небрежност. Оваа измена, велат од Министерството за правда, е правена по урнек на хрватското законодавство. Во новиот Кривичен законик кој е готов, главата: Кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај, сега ќе биде од член 403 до член 411.

    Ќе се ревидира и Законот за прекршоци, бидејќи многу од овие прекршоци во сообраќајот, ќе се третираат во новото кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“, вели подносителот на измените.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира