ОТСТРАНЕТА АРТИЛЕРИСКАТА ГРАНАТА КОЈА УТРОВО БЕШЕ ПРОНАЈДЕНА ВО ВАРДАР ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕС

    ОТСТРАНЕТА АРТИЛЕРИСКАТА ГРАНАТА КОЈА УТРОВО БЕШЕ ПРОНАЈДЕНА ВО ВАРДАР ВО ЦЕНТАРОТ НА ВЕЛЕСГранатата од 105 милиметри ќе биде уништена на Криволак (Фото: СДК.МК)

    Отстрането е артилериското зрно кое утрово беше пронајдено во Вардар во центарот на Велес. Го пронашол рибар кога градел колтук за фаќање риба, по што повикал полиција.

    Малото мовче, кејот на Вардар и околината денеска беа обезбедувани од полиција до 17:15 часот, кога гранатата беше подигната. Тоа го стори Ефтим Митров, раководител на Одделението за пиротехника од Дирекцијата за спасување и заштита.

    Ме информираа дека е пронајдено неексплодирано бојно средство во реката Вардар во Велес. Ова што го отстранив и потоа ќе биде уништено на Криволак е артилериска граната од 105 милиметри. На неа стои транспортниот осигурач, па не може да експлодира. Запалката е малку оштетена, но осигурачот стои. Таа не е испукана, не е излезена од цевка, со тоа ризикот се намалува за 50 отсто и може слободно да се транспортира“, изјави Митров.

    Неговото одделение брои само петмина пиротехничари, кои работат на територијата на Македонија.

    На прашањето како оваа граната се нашла во Вардар, а не е испукана, тој даде објаснување.

    На оваа линија сè до Гевгелија пронаоѓаме неексплодирани бојни средства. Тие се од полски складишта или складишта близу реката. Претпоставувам дека оваа била фрлена во реката, некој ја има пронајдено и подоцна ја фрлил. Таков е случајот со Сува Река во Гевгелиско. Кога водата ќе надојде, откриваме голем број неексплодирани гранати“, додава Митров.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира