Италијанската актерска дива Џина Лолобриџида објави дека ќе се кандидира на следните парламентарни избори во својата земја зашто ѝ е здосадено од сегашните политичари.
Лолобриџида, која наполни 95 години во јули, ќе се обиде да стане сенатор преку партијата Суверена и народна Италија (ИСП), нова евроскептична политичка алијанса која се противи на праќање оружје во Украина и на „агресивниот евроатлантизам“.
Таа изјави за „Кориере дела сера“ дека е инспирирана од Махатма Ганди и од неговиот ненасилен начин на дејствување и дека била добра пријателка со првата индиска премиерка Индира Ганди.
„Се трудам да останам креативна и сега сакам да искористам дел од мојата енергија за важни работи, особено за мојата држава“, изјави Лолобриџида, една од најгламурозните ѕвезди на златната ера на Холивуд.
Таа за последен пат покажа политички амбиции во 1999, кога се кандидираше за Европскиот парламент.