ОРИЗОТ ДА БИДЕ ПОСЕБНА КУЛТУРА СО ЗАШТИТЕНА ЦЕНА, ПОБАРАА ОРИЗОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО ОБЛЕШЕВО

    ОРИЗОТ ДА БИДЕ ПОСЕБНА КУЛТУРА СО ЗАШТИТЕНА ЦЕНА, ПОБАРАА ОРИЗОПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ НА ПРОТЕСТОТ ВО ОБЛЕШЕВОСтотина трактори ќе останат на блокадата во Облешево сè додека не се решат барањата (Фото: СДК.МК)

    Оризот да биде посебно заштитена култура која со одлуки и мерки на Владата ќе има повисока реална цена, побараа оризопроизводителите од Кочанско на денешниот протест и блокада на магистралниот пат Штип-Кочани кај селото Облешево. Тие сметаат дека цената за килограм оризова арпа треба да биде најмалку 40-45 денари и 80-90 денари за бел ориз, со можност за корекции кои ќе го следат трендот на цените на оризот на светската берза.

    „Бараме да се исплатат заостанатите субвенции по сите основи што ги немаат добиено сите производители и да се зголемат количините на зелената нафта, за да се ублажи ценовниот шок со горивото и останатите репроматеријали, кои за една година поскапеа и за 200 проценти. Четири години ни ветуваат 50-процентен откуп за државните стокови резерви, но од тоа нема ништо“ вели претседателот на Одборот за спас на оризопроизводството, Здравко Арсов.

    Во Облешево беше блокирана само една коловозна лента, па сообраќајот од 10 часот се одвива наизменично. Најавена е непрекината блокада, сè до исполнувањето на барањата. Оризопроизводителите инсистираат на средба со премиерот Ковачевски, затоа што досега не нашле заеднички јазик со министерот за земјоделство. Дотогаш, стотина трактори и друга земјоделска механизација ќе останат на едната коловозна лента во Облешево.

    „Сметаме дека со заштитена оризова култура ќе се сузбијат и манипулациите на преработувачите. Тие прво ја преработуваат оризовата арпа што ја произведуваат на огромни површини закупени од државата, а на ситните земјоделци кои од тоа живеат им диктираат ниски цени“, вели Тони Максимов.

    Оризопроизводителите од Кочанско на денешниот протест имаа поддршка од претставници на земјоделците од Радовиш и на лозарите во Кавадарци, кои исто така најавија протест и блокади од понеделник ако до крајот на неделата не се сретнат со Ковачевски.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира