Уривањето на помошните објекти – гаражите позади зградите на некогашен ЈАТ во Битола е планирано за четврток, според известувањето што од Општинскиот инспекторат го добија станарите на околните згради. Тие најавија дека ќе организираат протести и нема да дозволат рушење, а од Општината велат дека се завршени потребните законски процедури за почеток на отстранувањето на времените објекти.
Станарите се сомневаат дека на местото, во строгиот центар на градот, ќе никне катна гаража на четири ката, а издувните гасови ќе им одат директно во нивните балкони.
„Тоа се гаражи што се користат само за лични потреби на станарите во последните 50 години. Ги добија како обесштетување за куќите и гаражите што им беа рушени во 1970 година. Тоа се гаражи за кои дел станари две децении плаќаат засебна ставка. Штетата ќе ја осетиме 80 станови (320 станари) кога нашиот мирен простор за живот ќе стане катна гаража, јавен паркинг простор или можеби ветен станбен простор од 4-5 ката“, се вели во соопштението на станарите од зградите на улиците Димитар Илиевски- Мурато и Јосиф Христовски.
Тие потсестуваат дека и за времето на претходниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Владимир Талески имаше таква идеја таму да се изгради катна гаража, но станартите се спротивставија и не се реализира.
„Бараме да го видиме идејнотото решение, градежениот проект или сообраќајното решение на она што е планирано да се гради на просторот зад зградите. А тоа, никој од надлежните институции до денес не им го дава за можност или како законско право“, се вели во соопштението.
Од Општина Битола велат дека ги носат своите програми за работа во согласност со потребите на жителите, а спровеле и сондажа на јавното мислење. По направеното испитување на јавното мислење, во однос на дивите гаражи во градот на прашањето дали ви пречат дивите гаражи, 85 % од анкетираните се изјасниле со „да“, а 15 % со „не“. Граѓаните беа запрашани и дали просторот од дивите гаражи треба да биде уреден за паркирање, 75 % се изјасниле со „да“, а 25 % со „не“.
„По сондирањето на јавното мислење, во мај оваа година, беше донесена Одлука на Совет за рушење на постоечки објекти, со која просторот зад зградата околу 1.500 метри ќе биде преуреден. Општинскиот инспекторат ги презеде потребните мерки и ги извести станарите за постапките кои ќе следуваат, со што се завршени потребните законски процедури за почеток на отстранувањето на гаражите зад зградата кај поранешен ЈАТ“, соопштија од Општината.
Додаваат дека на оваа локација ќе понудат соодветно прифатливо решение за станарите, кои ќе можат да ги паркираат своите возила, но на уреден урбан простор, каков што доликува на централното градско подрачје.
Ж. ЗДРАВКОВСКА