СЕ УРИВААТ ГАРАЖИТЕ КАЈ ЈАТ ВО БИТОЛА, СТАНАРИТЕ БАРААТ СООБРАЌАЕН ПРОЕКТ, КОЊАНОВСКИ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ НЕМА КАТНА ГАРАЖА

    СЕ УРИВААТ ГАРАЖИТЕ КАЈ ЈАТ ВО БИТОЛА, СТАНАРИТЕ БАРААТ СООБРАЌАЕН ПРОЕКТ, КОЊАНОВСКИ ВЕТИ ДЕКА ЌЕ НЕМА КАТНА ГАРАЖАИмаше само двајца полициски службеници кои тргнаа настрана неколкумина граѓани за службите да можат да работат. (Фото: СДК.МК)

    Со брусилица беше демонтирана првата лимена гаража на просторот за зградите кај поранешниот ЈАТ во Битола. Со ова започна остранувањето на овие педесетина времени објекти  поставени со децении на јавна површина во строгиот центар на Битола. Имаше само двајца полициски службеници кои тргнаа настрана неколкумина граѓани за службите да можат да работат.

    Станарите излегоа пред зградата и рекоа дека ќе се спротивстават зашто Општината уште не им приложила сообраќајно решение и идеен проект што ќе се прави на просторот, а според ДУП-от предвидена е катна гаража. Дојде и градоначалникот Тони Коњановски, кој два часа разговараше со граѓаните и им вети дека нема да дозволи изградба на катна гаража ниту зграда, туку само партерно уредување на паркингот.

    „Ќе ги турнеме гаражите, но вие уште немате сообраќајно решение, ни идеен проект. Катна гаража стои во ДУП-от, тоа треба да се мени, па потоа да речете правиме овде само паркинг уреден. Ако ги турнеме овие 50 гаражи, вие дури да го направите тоа решение ќе помине време. Каде ќе ги носиме возилата“, реагираа станарите.

    Пензионерот Славе Котевски зеде дури и столче и седна пред гаражата за да не дозволи да започне остранувањето.

    „Дренажата на зградата е катастрофа. Напред имаме паркинг, сега и назад ако се направи каде ќе одат тие издувни гасови? Од предната страна не можеме да ги користиме просториите од издувни гасови, сега зарем и од назад? Меѓу гаражите има и легализирани. Редовно плаќачи сме на данок на имот“, рече Костадина Стерјевска, станарка на зградата.

    Дојде и градоначалникот Тони Коњановски, кој два часа разговараше со граѓаните и им вети дека нема да дозволи изградба на катна гаража ниту зграда, туку само партерно уредување на паркингот. (Фото: СДК.МК)

    Дел од гаражите се направени од лим, но има и неколку кои се претворени во цврста градба.

    Советот уште во мај донесе одлука да се ослободат јавните површини за да им служат на граѓаните, онаму каде е можно да се направи паркинг, на друго место парк. Постапката за сообраќајно решение за овој простор е во тек.

    Градоначалникот Коњановски на присустните им рече дека не се дојдени да постапуваат на сила, туку да разговараат и дека обврска на Општината е да ги уредува јавните површини.

    „Ќе има партерно уредување и јавно гарантирам дека нема да има катна гаража. Дојдовме да работиме заедно со луѓето. Очекував дека ќе имам помош, не дојдов против граѓаните, треба да сме заедно во иста насока да се движиме. За жал, се исполитизира работата, не од овие луѓе, тие се загрижени, туку од политичлки партии кои сакаат во градот уште да владее хаос. Јас нема да дозволам. Ќе се постапува според одлуки на Советот и ќе се уредат јавни површини кои се узирпирани од трафики, гаражи, диви продавачи. Најголемиот дел од граѓаните во Битола се согласуваат дека треба да ги уредиме јавните површини кои беа узурпирани“, рече тој.

    Постапката за остранување на времени објекти кои ги има на многу места низ Битола планирано е да продолжи и натаму. Дел од нив се гаражи, но некои се гулабарници, во населебта РЕМО во таков објект се чуваат кокошки, други пак, ги издаваат и прават бизнис со објект на јавна површина. Од Општина велат дека инспекцијата секој ден добива поплаки за вакви објекти.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира