ПАДНА ВЛАДАТА НА ЦРНОГОРСКИОТ ПРЕМИЕР ДРИТАН АБАЗОВИЌ

    ПАДНА ВЛАДАТА НА ЦРНОГОРСКИОТ ПРЕМИЕР ДРИТАН АБАЗОВИЌАбазовиќ, првиот премиер на Црна Гора кој припаѓа на малцинска национална заедница, беше на функција 115 дена. (Фото: Вијести)

    Падна владата на црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, откако ноќеска Собранието на Црна Гора ѝ изгласа недоверба по 12-часовна расправа.

    За паѓање на владата гласаа 50 пратеници од вкупно 81, меѓу кои пратениците на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, Демократската партија на Црна Гора на Алекса Бечиќ, Социјалдемократската партија, Социјалдемократите, Бошњачката партија, Демократскиот сојуз на Албанците и десницата на Црна Гора. Против беше претседателката на Собранието Даниела Ѓуровиќ од Социјалистичката народна партија. Другите пратеници од просрпскиот Демократски фронт, Социјалистичката народна партија, Демос и Граѓанското движење УРА на Абазовиќ не присуствуваа на гласањето.

    До изборот на нова, владата на Абазовиќ ќе функционира во технички мандат. Во завршниот говор Абазовиќ  кажа дека се надева оти претседателот на Црна Гора наскоро ќе му даде мандат на новото мнозинство за состав на новата Влада или ќе има нова нестабилност.

    Абазовиќ, првиот премиер на Црна Гора кој припаѓа на малцинска национална заедница, беше на функција 115 дена. Тој беше потпретседател во претходната влада на Здравко Кривокапиќ, а откако во февруари годинава го иницираше уривањето на таа влада, Абазовиќ на крајот на април стана премиер со помош на Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира