РУСИЈА ЌЕ ГО ЗАТВОРИ ГАСОВОДОТ СЕВЕРЕН ТЕК 1 ОД 31 АВГУСТ ДО 2 СЕПТЕМВРИ ЗАРАДИ СЕРВИСИРАЊЕ

    РУСИЈА ЌЕ ГО ЗАТВОРИ ГАСОВОДОТ СЕВЕРЕН ТЕК 1 ОД 31 АВГУСТ ДО 2 СЕПТЕМВРИ ЗАРАДИ СЕРВИСИРАЊЕЦените на природниот гас вчера пораснаа по најавата за затворање, а сега се повеќе од двојно повисоки од пред една година. (Фото: АП)

    Клучниот руски гасовод за природен гас на крајот на месецов ќе затвори на три дена заради сервисирање, објави државната енергетска компанија „Газпром“, зголемувајќи го економскиот притисок врз Германија и другите европски земји кои зависат од горивото. Последното исклучување ќе дојде еден месец откако „Газпром“ го врати снабдувањето со природен гас преку гасоводот на само една петтина од неговиот капацитет, по претходното исклучување заради сервисирање.

    Русија рече дека намалувањата на протокот во гасоводот се поради технички проблеми, но Германија кажа дека е политички потег на Кремљ за да сее несигурност и да се зголемат цените поради конфликтот во Украина.

    Цените на природниот гас вчера пораснаа по најавата за затворање, а сега се повеќе од двојно повисоки од пред една година.

    Во соопштението објавено на Интернет, „Газпром“ рече дека планираното исклучување од 31 август до 2 септември е за „рутинско одржување“ на клучната компресорска станица долж гасоводот Северен тек 1, кој ги поврзува западна Русија и Германија.

    Цените на природниот гас се зголемија бидејќи Русија го намали или го прекина протокот на природен гас во десетина земји од Европската унија, поттикнувајќи ја инфлацијата и зголемувајќи го ризикот Европа да западне во рецесија. Германското Министерство за економија објави дека го забележало планираното прекинување на „Гаспром“ за Северен тек 1.

    „Ја следиме ситуацијата во тесна соработка со Федералната мрежна агенција која ги регулира пазарите на гас. Протоците на гас преку Северен тек 1 во моментов се непроменети и изнесуваат 20%“, соопшти Министерството.

    Новонајавеното исклучување за сервисирање предизвикува дополнителни стравувања дека Русија би можела целосно да го прекине гасот за да се обиде да стекне политичка моќ над Европа која се обидува да ги зголеми нивоата на складирање за зимата. Германија неодамна објави дека нејзините капацитети за складирање гас достигнале 75% од капацитетот, две недели пред целниот датум 1 септември. Владата ги повика граѓаните сега да штедат гас за да има доволно в зима.

    „Газпром“ соопшти дека по завршувањето на работата, протокот на гас преку Северен тек 1 ќе продолжи на претходното ниво од 33 милиони кубни метри, или само 20 отсто од капацитетот на гасоводот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира