ФИЛМОТ Е МИКС ОД ВОЈСКА И ЦИРКУС, ВЕЛИ ЕНТОНИ ДОД МЕНТЛ, ЛАУРЕАТОТ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА „МАНАКИ“

    ФИЛМОТ Е МИКС ОД ВОЈСКА И ЦИРКУС, ВЕЛИ ЕНТОНИ ДОД МЕНТЛ, ЛАУРЕАТОТ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 НА „МАНАКИ“Ентони Дод Ментл е првиот кинематографер кој добил Оскар за филм снимен со дигитална камера. (Фото. ИФФ Манаки)

    Оскаровецот Ентони Дод Ментл, британско-дански кинематографер и лауреат на Златна Камера 300 за животно дело на годинашниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, израснал во слободоумно семејство, без притисоци од родителите, мајка му била сликарка, брат му е книжевник, а тој мислел дека можеби ќе биде сликар, секогаш заинтересиран за игрите со светлината, кажа самиот на денешниот мастерклас во Битола.

    На мастеркласот кој го водеше Најџел Волтерс, поранешен претседател на интернационалната федерација на кинематографери ИМАГО, Ментл кажа дека како млад работел разни физички работи во Британија и во Данска, потоа поминал подолг период во Индија, каде што своевремено живееле и работеле неговите баба и дедо. Таму на најдобар начин го споил воодушевувањето од пејзажите и пикторескниот социјален живот на тој континент со фотографијата. Релативно доцна, на 26 години, од 1985 до 1989 студирал камера на Националната филмска школа во Копенхаген (претходно завршил колеџ за фотографија и комуникации во Британија). Таму почнал соработка со режисерите Ларс фон Трир и Томас Винтерберг, основачите на движењето „Догме 95“, чиј манифест дозволуваше снимање филмови само со камера од рака и природна светлина.

    Ментл е првиот кинематографер кој добил Оскар за филм снимен со дигитална камера.

    „Филмот е микс од војска и циркус. Филмот е поезија и политика. Не ми се допаѓа кога има претерано многу од едното или од другото“, рече Ментл.

    Ментл вели дека Трир секогаш сакал да провоцира, кога го снимал „Антихрист“ бил во мрачно расположение (во кое уште се наоѓа, а неодамна објави и дека е болен од Паркинсонова болест), потоа преточено и во атмосферата во филмот. Винтерберг, кого многу цени како автор и кој му е близок пријател, во „Семејна прослава“ направил едноставна, но исклучителна поетика. За Дени Бојл, со чиј филм „Сиромашниот милионер“ го освои Оскарот за најдобра камера, а филмот доби вкупно 8 статуетки, вели дека е забавен, но истовремено и брутален автор што сака да предизвикува.

    „Секој филм е ѕверка, има свој живот, и си зазема сопствена форма, па крајниот исход може да биде непредевидлив“, рече Ментл и додаде: „Сите кинематографери треба да го прават тоа што го сакаат и ги возбудува“.

    Тој вели дека за него многу е битна екипата што работи на фотографијата и монтажата при реализацијата на филмот. Ако нема доволно соработка, а премногу его, тогаш процесот на снимање е многу напорен.

    На мастеркласот беа презентирани извадоци од неколку значајни филмови кои ги снимил, како „28 дена“ и „Сиромашниот милионер“ на Бојл, „Антихрист“ на Трир, „Последниот крал на Шкотска“ на Кевин Мекдоналд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира