Струшките вечери на поезијата (СВП) утревечер ќе се отворат со свеченост на летната тераса на хотел „Дрим“ место пред платото на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, поради временската прогноза што предвидува поројни дождови во попладневните часови во Струга, соопшти органозаторот.
Програмата на фестивалот ќе се одвива од 25 до 29 август, а 24 странски поети и триесетина домашни поети од постарата и од помладата генерација ќе учествуваат на главните поетски читања.
Струшките вечери на поезијата се одржуваат под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“, а ќе биде промовирана и Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката.
Предвидено е меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети.
Во рамки на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан за настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.