Поетесата Гордана Михаилова-Бошнакоска го отвори синоќа 61. издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата (СВП), откако традиционалното беше запален поетскиот оган.
„Од далечната 1961 година кога врвни поети и писатели ја зачнаа оваа поетска дружба, поезијата стана патоказ за многу млади луѓе. Секоја трета личност е поетеса, е поет, така што сега вие сте во Земјата на поезијата. Големиот македонски поет Матеја Матевски во една прилика, кога се зборуваше за СВП, рече дека оваа манифестација е толку единствена и храбра што може да преживее сѐ. Тоа се потврди во сите овие изминати години. Генерации творци од Македонија, од сите земји од Европа и други континети во темните ноќи на небото над Струга, сјаат нивните ѕвезди и го слушаат одекот на нивните песни. Тие одеци само ни велат дека поезијата живее за да укажува, да помага таму каде е затворено, да отвара. Вековите не можеле да живеат без говорот на поезијата. Но дали сега, денес може оваа магија да го направи невозможното, возможно? Пред многу години, на првите Струшки вечери на поезијата, бев најмладата учесничка. Тогаш ги видов сите оние поети кои денес ја сочинуваат класиката на македонската поезија. Единствена жена поетеса беше, Даница Ручигај, убава, самоуверена, со свест на она што е. Но трагично го загуби животот во скопскиот земјотрес во 1964 година. Од тогаш поминаа многу години за СВП, но и за мене“, рече рече Михаилова-Бошнакоска и додаде:
„Македонската поезија беше ексклузивитет. Денес таа е етаблирана и прифатена безмалу во целиот свет. Така што, учеството на СВП е привилегија и не само за македонските поети, но и за поетите од целиот свет“.
Вечерта продолжи со поетското читање Меридијани, на кое настапија повеќмина автори од земјава и од странство. Во следните фестивалски денови, до 29 август, на СВП ќе настапат 24 поети од странство и 30-тина од државата.