ПЕТМИНА ЧЛЕНОВИ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ ГО ТУРНАА ИЗБОРОТ НА ДИРЕКТОР, НЕ КАЖАА ЗОШТО НЕ ГЛАСААТ ЗА КАНДИДАТИТЕ

    ПЕТМИНА ЧЛЕНОВИ НА УПРАВНИОТ ОДБОР НА АКАДЕМИЈАТА ЗА СУДИИ И ОБВИНИТЕЛИ ГО ТУРНАА ИЗБОРОТ НА ДИРЕКТОР, НЕ КАЖАА ЗОШТО НЕ ГЛАСААТ ЗА КАНДИДАТИТЕНа следната седница УО ќе распише нов оглас за директор на Академијата. (Фото: СДК.МК)

    Денешниот избор на директор на Академијата за судии и обвинители “Павел Шатев” пропадна, откако двете кандидатки не добија доволен број на гласови.

    Актуелната директорка, професорката Наташа Габер-Дамјановска од 9, доби 4 гласа од присутните членови на Управниот одбор, но без образложение – зошто гласаат воздржано, ако веќе утврдија дека таа ги исполнува сите услови од огласот.

    За противкандидатката Оља Ристова, судија во Основниот кривичен суд Скопје, пак, гласаа 8 воздржано, а еден член на УО беше за.

    И за неа беше кажано дека ги исполнува сите услови, но никој од осумтемина не објасни зошто се воздржал.

    Единствено, пред гласањето вишиот скопски обвинител Сашо Рајчев кажа дека за него е спорно што огласот бил објавен во јули, кога сите се на одмор, па најверојатно не го виделе повеќемина можеби заинтересирани кандидати за местото директор.

    На ова обвинителот од Републичкото јавно обвинителство Бодан Лазаревски го праша Рајчев зошто кога тие лично го правеле огласот ова не му пречело, туку денес му стана проблем?

    САКАМДАКАЖАМ.МК го разлиста Службениот весник во кој на 15 јули 2022 година бил објавен огласот за избор на директор на Академијата. Тој ден во истиот број и Судскиот совет објавил огласи за многу поважни места отколку за избор на директор. На пример, Судскиот совет објавил во истиот број на 15 јули оглас за избор на членови на Судскиот совет, оглас за избор на судски поротници, итн.

    Лазаревски пред гласањето додаде дека тоа не е проблем на кандидатите кои ги исполнуваат сите услови денес една од нив да биде избрана. А судијките Цветанка Периќ и Ема Шопар-Јовановска потсетија дека во ера на интернет, сите информации на граѓаните им се на дофат во секое време.

    Професорката Наташа Габер-Дамјановска, чија биографија врховната судијка Периќ не можеше да ја дочита, ќе ја извршува функцијата до ноември, додека не ѝ заврши мандатот.

    Претходно обвинителот од Републичкото јавно обвинителство Бодан Заревски, кажа дека иако двете кандидатки ги исполнуваат условите, сепак тоа што Габер-Дамјановска базично по вокација е педагог, поради тоа што ги има поминато нејреномираните меѓународни обуки, школи и курсеви, за потоа да го пренесува потоа знаењето, е поадекватна за местото директор на академијата.

    На следната седница УО ќе распише нов оглас за директор на Академијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира