РОНАЛД РЕГАН И МИХАИЛ ГОРБАЧОВ – НЕСПОИВА ДВОЈКА КОЈА ПОМОГНА ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА СТУДЕНАТА ВОЈНА

    РОНАЛД РЕГАН И МИХАИЛ ГОРБАЧОВ – НЕСПОИВА ДВОЈКА КОЈА ПОМОГНА ДА СЕ СТАВИ КРАЈ НА СТУДЕНАТА ВОЈНАРеган и Горбачов на ранчот на Реган во Калифорнија во 1992 (Фото: АП)

    Кога Мајкл Реган присуствуваше на погребот на татко му, бившиот американски претседател Роналд Реган, зад него седеше Михаил Горбачов.

    „Јас и жена ми станавме пријатели со Горбачов низ годините“, изјави Мајкл Реган на веста за смртта на последниот лидер на Советски Сојуз.

    Капиталистот Роналд Реган и комунистот Михаил Горбачов беа неспоива двојка, чија серија самити помогна да се стави крај на Студената војна. Тие заедно преговараа и за историскиот договор за забрана на нуклеарни проектили со среден дострел, потпишан во 1987.

    И додека Реган го означи Советскиот Сојуз како „царство на злото“, британската премиерка Маргарет Тачер во 1984 изјави: „Ми се допаѓа господинот Горбачов. Можеме да работиме со него“.

    Следната година, Реган и Горбачов го одржаа првиот заеднички самит во Женева.

    Горбачов и Реган го потпишуваат договорот за забрана на нуклеарни проектили со среден дострел (Фото: Гети)

    „Бев на ручек со Роналд и додека одевме ми кажа: ‘Ова е нов вид на советски лидер‘. И беше во право. Реган се сметаше себеси за голем преговарач и му беше криво што не можеше да разговара со претходните советски лидери“, изјави Кен Аделман, директорот за контрола на вооружувањето во администрацијата на Реган.

    Аделман вели дека Реган и Горбачов не биле пријатели, но секогаш се однесуваа еден кон друг како обични граѓани. Првиот состанок еден на еден во Женева требало да трае само 20 минути, но се одолжи на час и половина.

    „Реган подоцна ми кажа: ‘Има хемија помеѓу нас двајца. Се слушавме еден со друг. Не се согласувавме, но има основа да продолжиме‘. За втората сесија, договоривме Реган и Горбачов да прошетаат покрај Женевското Езеро. Така беше поставен тонот на идните самити. Горбачов беше многу интелигентен и секогаш добро подготвен“, вели Џим Кун, помошник на Реган и уште еден сведок на самитот во Женева.

    Во 1987, Реган од Берлин ја упати легендарната порака кон Москва: „Господине Горбачов, урнете го овој ѕид“. Две години подоцна паднаа сите комунистички режими во источна Европа, а Горбачов и наследникот на Реган, Џорџ Буш, се сретнаа на Малта за да прогласат крај на Студената војна.

    „Горбачов беше искрен какви аспирации имал за Советски Сојуз. Тој сакаше здраво, просперитетно општество. Тој не го растури Советскиот Сојуз, туку го доведе до мирно приземјување“, вели Ед Роџерс, специјален асистент на Реган и Буш.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира