Седумдесет и деветтото издание на Венецискиот филмски фестивал се отвори вчера, а ѕвездите прошетаа по црвениот тепих за премиерата на новиот филм на Ноа Баумбах, „Шуштење“ (White Noise).
За првпат од 2019, најстариот филмски фестивал на светот е ослободен од сите ограничувања кои беа воведени поради пандемијата на коронавирусот, па така и црвениот тепих на Лидо беше отворен за јавност. Исто така, најавено е дека Венеција ќе биде голем собир на холивудски ѕвезди.
„Сите доаѓаат. Засега нема најави за откажување меѓу главните ѕвезди на сите филмови кои се во официјалната селекција“, вели директорот на фестивалот, Алберто Барбера.
На отворањето на десетдневниот настан продефилираа актерите од „Шуштење“, Грета Гервиг, Џоди Тарнер-Смит, Адам Драјвер и Дон Чидл, а меѓу гостите на премиерата беа и бившата прва дама на САД, Хилари Клинтон и бразилскиот супермодел Алесандра Амброзио.
Претседателката на жирито, 61-годишната Џулиен Мур, блесна во фустан на модната куќа „Валентино“.
Утре на фестивалот е премиерата на новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Најсреќниот човек на светот“, кој ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти.