НЀ ЧЕКА УЖАСНО ТЕШКА ЗИМА АМА РЕСТРИКЦИИ НА СТРУЈА НЕМА ДА ИМА, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ ПО СОСТАНОКОТ НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

    НЀ ЧЕКА УЖАСНО ТЕШКА ЗИМА АМА РЕСТРИКЦИИ НА СТРУЈА НЕМА ДА ИМА, РЕЧЕ КОВАЧЕВСКИ ПО СОСТАНОКОТ НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТПремиерот кажа дека годинава поскапување на цената на струјата нема да има, туку тоа се очекува од почетокот на наредната година.(Фото: Влада)

    Граѓаните и домаќинства зимава ќе имаат струја, а компаниите ќе се снабдуваат по поевтина цена од берзанската, кажа премиерот Димитар Ковачевски после денешниот состанок на Советот за безбедност во претседателската вила на Водно. На состонокот свикан од претседателот Стево Пендаровски се разговараше за енергетската криза и мерките и начините за справување со последиците од неа.

    Како што кажа премиерот, во моментов ситуацијата на светско ниво е алармантна, цените на берзите се превисоки, постои реален проблем со недостигна електрична енергија во Европа. Ковачевски кажа дека од први октомври нѐ чека најтешката зима во поновата светска историја, но Владата има направено план, акција и решенија да се помине оваа криза.

    Првенствено тоа ќе го направиме со наши сили внатре во земјата. Со наши ресурси, кои што ги имаме на располагање во овој момент. И со помош на нашите пријатели. Прво, да ги подготвиме сите ресурси на државата за максимално, досега, во последните декади, зголемено производство на сопствена енергија. Планот за производство на ЕСМ ќе го зголемиме за 25 %. Ќе го следиме спроведувањето на задачите кои се дадени на ЕСМ и тоа почнувањето со третиот блок во РЕК Битола, почетокот на работа на вториот котел на резервната ТЕЦ Неготино, работата на хидроцентралите и многу важно користењето на целиот потенцијал и ставање во функција на когенеративната гасна централа ТЕ-ТО во Скопје“, рече Ковачевски,

    Премиерот кажа дека годинава поскапување на цената на струјата нема да има, туку тоа се очекува од почетокот на наредната година. Но, „Владата работи на тоа на сите граѓани и компании да им обезбедиме најниска можна цена на електрична енергија и непречено снабдување со топлинска енергија. За средниот и големиот бизнис, како што беше побарано од стопанските комори, сегашните домашни повластени производители на струја, ќе продолжат да работат за истата пониска тарифа за слободниот пазар, цена која е далеку пониска од берзанските цени“, рече Ковачевски.

    Ова е ужасно тешка ситуација. Но, нема предавање, и јас немам намера тоа да го правам. Сите македонски граѓани и домаќинства да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија, ќе имаат целосно, достапно и одржливо снабдување со храна. Сите македонски компании да имаат целосна, достапна и одржлива електрична и топлинска енергија, по цени пониски цена од берзанската!“, рече премиерот и додаде: „Бараме штедење на енергијата од сите граѓани и бизнисот, но пример за тоа ќе биде прва Владата, владините и јавните институции“. 

    Тој кажа дека сепак во планот кој го направиле постојат и ризици односно можни се непредвидени испади на термо блоковите во Битола и Осломеј заради застареност на опремата која е постара од 40 и 50 години.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира