ИЗГРАДБАТА НА ЗИМСКИОТ БАЗЕН ВО ШТИП Е ВО ЗАСТОЈ ЕДНА ГОДИНА, А ЛОКАЦИЈАТА Е ОБРАСНАТА СО ТРЕВА

    ИЗГРАДБАТА НА ЗИМСКИОТ БАЗЕН ВО ШТИП Е ВО ЗАСТОЈ ЕДНА ГОДИНА, А ЛОКАЦИЈАТА Е ОБРАСНАТА СО ТРЕВАСпоред првичните најави, базенот требаше да биде даден во употреба до крајот на 2021 (Фото: СДК.МК)

    Изградбата на зимскиот базен во Штип веќе трета година тапка во место. На објектот цела година нема никакви работи, а локацијата се гуши во трева и е мета на крадци. На самиот влез и денес стои табла дека изведувач на работите е фирмата Енергоинвест трејд, а инвеститор е Агенција за млади и спорт (АМС).

    Повеќе спортски асоцијации од Штип и други органи и тела реагираат на индиферентниот однос на државните агенции, кои дозволија целата инвестиција да падне во вода, иако базенот е дограден и нема капка вода во него.

    Базенот со 25 метри должина и девет метри широчина почна да се гради во февруари 2020, кога градоначалник беше сегашниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски, а на поставувањето на камен-темелникот, тогашниот директор на АМС, Дарко Каевски, рече дека базенот треба да биде даден во употреба до крајот на 2021.

    На неговата фејсбук страница и денес стои објавата од 14 февруари 2020 дека се реализира едно од најголемите ветувања од владината програма и повеќегодишно барање и потреба на граѓаните на Штип. Спортските асоцијации од Штип, посебно оние за спортовите на вода, реагираат што сегашниот пратеник Каевски ниеднаш не дошол да провери како се одвиваат работите, а ниту неговиот наследник во АМС, Наумче Мојсоски.

    Пливачкиот клуб „Челични“ веќе трета година го постира слоганот „Даваме поддршка за зимскиот базен во Штип“, ама досега овие апели не допреле до инвеститорот кој ја започна изградбата. Членовите на клубот во лето се снаоѓаат за тренирање, а во зима мора да одат во други градови.

    Според развојната програма на АМС промовирана пред четири години, во поголемите градови во Македонија требаше да се изградат 14 зимски базени. Засега во функција е ставен само базенот во Тетово.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира