Фудбалскиот клуб (ФК) Горски од Велес, одбележа 100 години постоење. Клубот, кој е гордост за жителите на стариот дел од Велес, одигра ревијален натпревар на ветераните, а беше отворена и изложба на фотографии и предмети од клупската историја. Организатор на настаните беше Тони Тонев, ентузијаст и поранешен член на ФК Горски.
„Како културно-уметничко спортско друштво во 1919 во Велес е формиран Горски. Имал мандолински оркестар, музички состав, во 1922 започнал да се натпреварува и ФК Горски. Фотографиите се дел од Јоле Ристоски и дел на Народен музеј Велес. Годинава, ФК Горски продолжува да се натпреварува со стартот на Општинската лига. Горски е смислата на животот за тој дел на градот“, кажа Тонев.
Во времето на Кралството Југославија во клубот членувала напредната младина која била лево ориентирана.
„Горски било спортско друштво, го формирал Димко Нечев. Тој ми беше комшија и го помнам кога раскажуваше. Имало и музички групи и фудбал. Димко Нечев бил бербер, имал дуќан блиску до пазариште. Тој свиреше мандолина и играл фудбал на времето, на почетоците“, вели некогашниот фудбалер Ангел Петрушев.
Ако ФК Борец е љубовта на велешани, тогаш ФК Горски е срцето на старите сограѓани од делот околу Потокот, Црна Џамија и Читкушева Чешма. Неговите симпатизери се гордеат со овој клуб, кој за велешани е знаменитост, исто како што се Градскиот саат, Железниот мост, Мало мовче.
Јоле Ристовски за ФК Горски настапувал една деценија, 1975 до 1985 .
„Игравме во Општинска лига, која тогаш броеше дури 18 екипи. Игравме на Градски стадион, во Башино Село, во Чашка и секако легендарното игралиште кај Топилница. Сите што тогаш игравме, а сега учествуваат на овој ревијален натпревар, игравме без надомест. Важно беше да се игра, натпреварува, спортува и да се дружиме. Се играше од мерак, од ќеиф, кажа Јоле.
Тој активно фудбал играл се до 42 години, последен клуб му бил ФК Чеплес со кого настапувал во регионот.
Во 1979, ФК Горски можел за прв пат да мине во повисок ранг на натпреварување. Во Прилеп играле квалификации со ФК Габер од кого изгубиле. А Ристовски скршил нога, но по лекувањето се вратил на фудбалот.
„На голот бев 14 години. Игравме и квалификации, но не успеавме. Главен ривал ни беше ФК Металург, ФК Железничар и најголемиот ривал – комшиите од Рамина ФК ‘Шефки Сали’. Тоа беше големо ривалство, а по натпреварот на задоволство на сите фудбалери ќе седневме во клупските простории на по едно пиво“, вели Ангел Темелков кој денес има 70 години, а бил голман во средината на 1970-тите.
Главен градски ривал им бил „Шефки Сали“, клуб на Ромите од Велес, тоа било дерби за кое се живеело и потоа натпреварот долго се прераскажувал по чаршијата. За превоз на натпреварите по околните села, во општинската лига, се користел камион „дајц“ на клупски пријател. Томислав Андонов е еден од ветераните на ФК Горски.
„Направиме игралиште на месноста Рамина, тоа е наше дело. Трениравме на Св. Илија, Дервенскиот Поток. Победуваме на снага. Имавме многу кондиција. Како и да немаш, кога трчавме по ридот. Клупските простории беа кај Влашката црква“, вели Томе.
На натпревари патувале со популарниот камион „дајц“, кој пред да ги превезе пренесувал земја, песок, и уште неисчистен, фудбалерите се качувале на него и таква во прашина патувале до Чашка, Извор, Богомила.
П. ПЕЧКОВ