Две бомби експлодираа пред фудбалски стадион во Истанбул откако навивачите си заминаа дома синоќа, убивајќи 15 луѓе и повредувајќи десетици, соопшти турското министерство за здравство. Една од експлозиите се верува дека е од самоубиец бомбаш.
Полицијата ја блокираше областа додека чад се креваше зад новоизградената „Водафон Арена“, позната и како стадион на Бешикташ по локалниот клуб. Сведоци, исто така, слушнаа пукотници по експлозиите. За другата експлозија се верува дека била автомобил бомба.
„Уште еднаш во Истанбул сме сведоци на грдото лице на тероризмот кој ги погазува сите вредности“, кажа турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган преку соопштение.
Првата и поголема експлозија се случи околу 10.30 часот по локално време откако домашниот тим Бешикташ ги победи гостите Бурсаспор со 2:1 во натпревар од турската Суперлига. Ердоган вели дека тајмингот на нападот имал за цел големи човечки жртви и вети дека нацијата ќе се справи со тероризмот.
Никој не презеде одговорност за нападот. Годинава, Истанбул беше цел на бомбашки напади кои властите ги припишаа на Исламска држава или на курдските милитанти. Во Турција се уште е во сила вонредна состојба по неуспешниот пуч на 15 јули.