По одбивањето на Унгарија, односно на Косово еднаш да ги екстрадираат избеганите Никола Груевски, Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, Министерството за правда ќе поднесе нови барања за овие најбарани осудени лица кај нас.
„Министерството за правда во наредниот период ќе поднесе нови барања за екстрадиција на Никола Груевски, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири. За Никола Груевски досега е испратено едно барање за екстрадиција од ноември 2018 година и едно дополнување на барањето за екстрадиција од јуни 2019 година. Екстрадицијата е побарана за сите случаи за кои имавме сознанија дека се водат постапки пред македонските правосудни органи,односно за сите постапки за кои е распишана потерница. Унгарија го одби барањето за екстрадиција на 05.08.2019 година со образложение дека на Никола Груевски му е даден азил и согласно нивниот закон лицето не може да биде предадено на државата од која избегал. Состојбата со сите судски постапки внимателно се следи, а Министерството за правда ќе постапи соодветно и ќе поднесе ново барање за екстрадиција“, велат од Министерството.
За лицата Алил Демири и Африм Исмаиловиќ првпат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година.
„Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово во јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година. На 08.10.2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор. Во постапките, сè што беше побарано од косовските власти беше доставено“, тврди Министерството за правда.
Официјални одговори од Косово со кои се одбива екстрадицијата на Исмаиловиќ косовските власти испратиле двапати, во февруари 2016 година и во октомври 2021 година. За Демири официјален одговор од Косово стасал само во февруари 2016 година.
Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која ја потврди првостепената одлука за ,,Монструм” со која Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се правосилно осудени на доживотна казна затвор. За овие лица Министерството за правда повторно ќе поднесе ново барање за екстрадиција.
С. К. ДЕЛЕВСКА