Украинските сили биле осумкратно побројни од руските во минатонеделниот противнапад во харкивскиот регион, изјави еден од локалните проруски лидери Витали Ганчев. Тој кажа дека Украинците зазеле села во северниот дел и се пробиле до руската граница.
Киев тврди дека досега е ослободена територија од 3.000 квадратни километри, најавувајќи можен пресврт во шест и полмесечната војна. Украинската војска објави дека само во изминатите 24 часа зазела 20-ина села, додека ја продолжува противофанзивата на североистокот.
„Ситуацијата станува сè потешка секој час. Над 5.000 цивили се евакуирани во Русија“, изјави Ганчев.
Руското министерство за одбрана објави мапа која прикажува дека руските сили речиси целосно се повлекле од харкивскиот регион. Кремљ уште еднаш повтори дека воените операции во Украина продолжуваат до исполнувањето на поставените цели.
Украинците се во противофанзива и на југот, иако со побавно темпо.
„Нема паника во Херсон. Мирно е, но тоа веројатно е затишје пред бура“, изјави прорускиот функционер Кирил Стремусов.
Американскиот Институт за проучување војна објави дека украинските сили засилено напредуваат во регионот Херсон и се доближуваат до истоимениот град по неколкунеделните бомбардирања на руските линии на снабдување.