Крајот на пандемијата на ковид-19 е на повидок, објави Светската здравствена организација, откако неделниот број на смртни случаи во светот падна на најниско ниво од март 2020. Според податоците на СЗО од 5 септември, неделниот број починати од ковид-19 на светско ниво бил 11.118.
СЗО процени дека благодарение на ковид вакцините биле спречени 19,8 милиони смртни случаи во 2021. Низ светот биле дадени 12 милијарди дози.
„Сепак, коронавирусот и натаму е причина за акутна глобална вонредна состојба. Во првите осум месеци од 2022 починале над милион луѓе од ковид-19“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Тој вели дека светот никогаш не бил во подобра позиција да ја заврши пандемијата како сега.
„Сè уште не е готово, но крајот се ближи. Маратонецот не запира кога ја гледа целната линија, туку трча уште посилно, со сета енергија што ја има. Така мораме и ние. Ја гледаме целната линија, во победничка позиција сме, но најлошо е ако сега запреме“, кажа Гебрејесус.
Од почетокот на пандемијата, ковид-19 однесе 6,5 милиони животи, иако се верува дека реалните бројки се многу поголеми.