Скопската градоначалничка Данела Арсовска и советниците на ВМРО-ДПМНЕ кои изминатава година се поддржуваа и фалеа меѓу себе, денеска на седницата за советнички прашања се караа и навредуваа. Се обвинуваа меѓусебно за провизии од тендерот од 136 милиони евра за пречистителната станица во Скопје.
На почетокот на седницата, прашања на Арсовска ѝ постави советникот од СДСМ Гордан Шутаров, кој ја праша како тоа цела година цветаа рози и дали е загрозен проектот за пречистителна станица оти со ВМРО-ДПМНЕ се скарале кој да ги земе провизиите.
„Која е оваа фарса и иронија и од вас градоначалничка и од советниците од ВМРО-ДПМНЕ. 16 седници се утепавте од меѓусебно фалење, кажувавте бајки, а сега се скаравте кој да ги земе провизиите. Направивте вие и ВМРО-ДПМНЕ циркуз од Град Скопје”, рече Шутаров.
Арсовска не одговори на прашањето на Шутаров, ниту на наредните прашања од советничка од ДУИ.
Потоа прашање постави советникот од ВМРО-ДПМНЕ Луке Галески кој ја праша дали имала контакти со турски државјанин и го покажа на слика, а кој е поврзан со турската фирма која учествува ма тендерот.
По ова Арсовска излезе на говорницата и ги праша советниците ма ВМРО-ДПМНЕ како до вчера била најдобар градоначалник, а денес не чини и повика нивниот лидер Христијан Мицкоски да не ѝ се заканува, нарекувајќи го шпицен градоначалник.
„Кога ви го фатив рачето во медот не ви чинам. На вашиот шпицен градоначалник сакам да му кажам да се бореше против власта и штетните договори ќе ја спасеше Македонија. Нека не ми се заканува, нека дојде”, рече Арсовска.
Потоа таа замина од седница и не беше присутна на остатокот на седницата да ги чуе другите советнички прашања.
А. АНТЕВСКА