СУДИИ И АДВОКАТИ „ДЕРАТ“ СТРАНКИ ЗА ПАРИ, СЕ НОСАТ БАВНИ И БЛАГИ ПРЕСУДИ ПРОТИВ МОЌНИ ЛУЃЕ, СУДИИ ТАЈНО ЗА ПАРИ ВРШАТ АДВОКАТСКИ УСЛУГИ – СУДСКИОТ СОВЕТ СО ФАКТИ ЗА ВИСОКА КОРУПЦИЈА

    СУДИИ И АДВОКАТИ „ДЕРАТ“ СТРАНКИ ЗА ПАРИ, СЕ НОСАТ БАВНИ И БЛАГИ ПРЕСУДИ ПРОТИВ МОЌНИ ЛУЃЕ, СУДИИ ТАЈНО ЗА ПАРИ ВРШАТ АДВОКАТСКИ УСЛУГИ – СУДСКИОТ СОВЕТ СО ФАКТИ ЗА ВИСОКА КОРУПЦИЈАВо предметот „Траекторија“ за кинеските автопати кој судијата го закажуваше еднаш месечно за да се одолговлечи, му застаре кривичното дело на Никола Груевски. (Фото: СДК.МК)

    Судијката Мери Радевска од Судскиот совет денеска адресираше со голема прецизност на кој начини се врши корупција од страна на судии и зошто е оправдана ниската доверба на граѓаните во судството, од само 8 проценти.

    „Корупција преку посредници се врши од страна на одредени судии чии деца или други блиски роднини се адвокати или се вработени во адвокатски друштва кои постапуваат во предмети по кои постапува судијата. Натаму, судии чии деца или други блиски роднини-адвокати работат во иста област како судијата и во исто подрачје во кое постапува судијата, исто така носи ризик од негово корумпирање. Тука судијата врши адвокатска работа: дава совети изготвува тужби, жалби, разни поднесоци и надвор од своите надлежности се впушта во решавање предмети на свои колеги со директно или индиректно влијание“, почна да набројува Радевска како се впуштаат во корупција судии, на невидлив, посреден начин.

    Но, од нејзиното излагање, се виде дека Судскиот совет утврдил и како судии директно се корумпираат, без посредници.

    „Судии кои се во директна врска со странката-примаат поткуп. Судии кои се во блиски односи со адвокати, свесно дозволуваат адвокатите да го користат блиското пријателство со нив, за да остават впечаток кај странките дека тие имаат врски кои можат да им помогнат да донесе судијата пресуда во нивна корист. Адвокатите позамашно наплаќаат за оваа поврзаност со судијата, при што парите се делат помеѓу адвокатот и судијата или на судијата му се исплаќа некаков надоместок во одмор, скапи поклони и слично“, продолжи Радевска да реди примери.

    Има судии кои оперираат преку судската администрација. Овие односи функционираат на ист начин како и со адвокатите „блиски“ со судијата, но наместо адвокат, тука се јавува судски службеник, кој како близок со судијата за надомест врши преговарање и договарање со странките.

    „Судската администрација се претставува како фактор во пресудувањето и дека се блиски со одделни судии, па за награда за која странката смета дека се дава на судијата, ветуваат дека ќе се залагаат за решавање на спорот во корист на странката и оние кои за ситна награда во пари, храна или мал подарок, влијаат одделни права странките да можат побргу да се остварат, други да неможат да се остварат, некои одлуки иако правосилни да не се извршат и застарат итн“, продолжи Радевска да реди шокантни примери за видови на корупција во судството, додека граѓанинот чека правда.

    Корупција е и кога во нашето судство адвокатите ги користат судиите за поголема заработка.

    „Има случаи кога се користи судијата од странката да извлече повеќе пари, многу повеќе од адвокатската тарифа. Во ваквите случаи странката е убедена дека адвокатот ги зема парите по барање на судијата за да му ги даде, иако тие всушност завршуваат кај адвокатот, а судијата воопшто не ни знае дека неговото име и авторитет се искористени за вакви цели. Крајниот резултат е недоверба во судството и огромна убеденост дека судијата е корумпиран и дека само со пари се завршува предмет во своја корист, иако можеби во тој предмет не ни можело да се донесе поинаква одлука“, лоцира Судскиот совет.

    Радевска се осврна и на тоа како корупцијата кај јавните обвинители, преку т.н. свесно осакатување на обвинението во старт, доведува до тоа судијата да мора да ослободи обвинет.

    „Корупцијата кај јавните обвинители влијае врз перцепцијата на корупцијата во судството. Обвинителот кој поради својата корумпираност поднесува обвинение, навидум исполнувајќи ја својата обврска, а по кое обвинение гледано од стручна страна нема можност да се донесе осудителна пресуда, кога ќе биде донесена таква пресуда, сите критики се по судијата и по судството, а никој не ја споменува одговорноста на обвинителот. Контролата на тој дел од правосудството е скоро невидлива“, критикуваше таа во присуство на државниот обвинител Љубомир Јовески.

    Корупција во судството е и тоа што судењата и пресудите против поранешни и сегашни функционери и луѓе со многу пари и капитал, се ненавремени и се одолговлекуваат, како и благите казни за нив, за разлика од обичните граѓани. Во предметот „Траекторија“ за кинеските автопати кого судијата го закажуваше еднаш месечно за да се одолговлечи, му застаре кривичното дело на Никола Груевски. Поради истек на 90 дена неодржани судски расправи, многу од судењата за предмети од висока корупција, се враќаа неколку пати на почеток.

    Во моментов Апелациониот суд Скопје и по повеќе од една година од првостепените пресуди, не одлучува за предметите „Тврдина-Таргет“ и „Трезор“. Дури за октомври во Апелациониот суд Скопје е закажана седница за организаторите на нападот и насилствата на 27 април 2017 година, во кои одамна беа првостепено осудени Трајко Вељаноски, Спире Ристевски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски. Случајот „Транспортер“ со 30-ина обвинети првостепено е завршен за една година, а во Апелација стои нерешен над две години.

    Судскиот совет смета и дека граѓаните имаат перцепција за корупција во судството и поради неговата недопирливост, односно поради непокренување постапки за злоупотреба на позицијата или за судир на интереси од страна на судии. Со месеци судскиот процес против обвинетиот судија Зоран Теофилоски се одлагаше и не почнуваше во Основниот кривичен суд Скопје, поради што новинарите изгубија секаква заинтересираност за тој процес.

    Судскиот совет денеска презентираше Акциски план како ќе се справува со сите овие форми на корупција во судството, проблем кој ако не се реши, ќе ја остави Македонија уште долги години во кал и масовно иселување во други држави каде што има владеење на правото и правда.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира