Ќе се намали доминацијата на членови на Судскиот совет кои не се судии, туку се нашле таму на предлог на политичките партии и на претседателот на Македонија, изгласани преку Собранието. Денеска заклетва дадоа тројцата судии: Мирјана Радевска Стефкова од Врховниот суд, Зоран Герасимовски од апелационо подрачје Скопје и Ивица Николовски од апелационо подрачје Гостивар, кои на непосредни избори минатата недела беа избрани за членови на Судскиот совет.
Герасимовски, Радевска-Стефкова и Николовски се изгласани од колегите судии, а не од политиката, на гласањето во судовите на 14 септември.
На новинарско прашање – дали и натаму судиите од првите генерации на Академијата за судии, кои не се партиски определени, ќе бидат заобиколувани при напредувањето, Радевска-Стефкова одговори дека за унапредувањата ќе одлучуваат критериумите за избор. Забележа дека не само овие, туку и многу судии кои не дошле од Академијата, односно биле избрани пред таа да се формира, многу квалитетно и професионално ја вршат својата функција, а не се унапредуваат со години.
Програмата на Судскиот совет за справување со корупцијата во судството, во која јасно се опишани сите ситуации и ризици за корумпирање на судии, тие до денеска не ја прочитале, бидејќи не биле во Советот, иако Судскиот совет ја објави на веб-страната една недела пред изборите.
С. К. ДЕЛЕВСКА