СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ОД МОГИЛА ГУБАТ ОД НАСТАВА ОТИ НЕМААТ БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ И МОРА САМИ ДА ПЛАЌААТ ДА СТИГНАТ ДО ШКОЛО

    СРЕДНОШКОЛЦИТЕ ОД МОГИЛА ГУБАТ ОД НАСТАВА ОТИ НЕМААТ БЕСПЛАТЕН ПРЕВОЗ И МОРА САМИ ДА ПЛАЌААТ ДА СТИГНАТ ДО ШКОЛОКој родител ќе издвои денес 1.000 денари за превоз секој ден?, прашуваат револтираните жители на Могила. (Фото: СДК.МК)

    Учениците од пелагониската Општина Могила кои учат средно училиште во Битола се оставени без бесплатен школски превоз, а од некои села нема ни редовна линија до градот за да дојдат на настава. Во првите дваесет дена од учебната година, на школо одат нередовно, кога можат родителите да им го платат билетот или онаму од каде не минува автобус за Битола да ги пренесат со возило до град.

    „Пари не ни се допрефрлени од минатата година, а не пак и оваа да го финансираме превозот од џеб. Каратта одење и идење е 230 денари, а има семејства со по две-три деца што се школуваат в град. Каде да најдат секој ден по 500 денари и повеќе за да ги пуштат на училиште? Ќе ги запреме да не одат, па нека поводат сметка надлежните“, рече Јован Вељановски од Трновци.

    Од селата Радобор и Чарлија има осум средношколци што учат во Битола, а нема ни организиран линиски превоз за в град.

    „Кој може да вози по 40 километри дневно со кола да ги носи децата? Ние ги запоставивме децата, ај од пандемијата, а сега од што, од невнимание на Општините. Кој родител ќе издвои денес 1.000 денари за превоз? Не можеме ни да се организираме меѓу нас еден родител да ги вози денес, а друг утре, зашто децата се во различни смени. Четири пати на ден ли ќе возиме за Битола?“, прашува Иван Здравковски од Чарлија.

    Борче Бучински, неависен советник во Општина Могила додава дека тоа што нема линиски превоз за Битола е проблем децата да добијат фискални сметки, за потоа Општината да им ги рефундира парите.

    „Ако ги носиме ние со возило нема фискалка сметка, ако одат со некои диви таксисти, пак нема фискална сметка. Децата се оставени на цедило. Едно јавно меѓуопштинско претпријатие за превоз за Битола, Новаци и Могила го формираме две и пол години и уште не е готово“, рече Бучински.

    Градоначалникот на Могила Драганчо Саботковски вели дека организирањето школски превоз за средношколците не е во нивна надлежност, туку на Министерството за образование и на Општина Битола каде се училиштата.

    Градоначалникот на Битола Зоран Коњановски на последната седница на Совет рече дека локалната самоуправа ја почна постапката за превозот и е во тек. За периодот додека учениците плаќаат за превоз, средствата ќе им бидат во целост рефундирани.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира