На денешната прес-конференција на градоначалничката Данела Арсовска за реконструкција на улицата Перо Наков, не беше присутен градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски. Ова е прв пат Арсовска да држи прес во некоја општина каде градоначалникот е од редовите ВМРО-ДПМНЕ, а тој да не присуствува на настанот.
Градоначалникот Стефковски ни изјави дека не бил присутен на настанот бидејќи градоначалничката Арсовска не го поканила.
„Не бев поканет на прес-конференцијата, а овој проект се реализира на барање на Општина Гази Баба и урбаните заедници“, вели Стефковски.
Градоначалничката Арсовска не одговори на нашите прашања зошто не го поканиле Стефковски на прес-конференцијата со оглед на тоа дека досега неколку пати се појавуваа заедно со него и со останатите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ. Не одговори ниту дали и не се нарушени односите и соработката со градоначалниците од партијата која ја поддржа на изборите.
Откако Арсовска не го викна Стефковски на денешниот настан од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека нивните градоначалници повеќе нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката.
„Поради немањето соодветна и нормална комуникација што треба еден градоначалник на Град Скопје да ја има за доброто на градот, како и поради неисполнувањето на обврските од ветеното од програмата ‘За модерно Скопје’, поради кој и беше дадена довербата на градоначалничката Арсовска, но и нејзината силна инволвираност во сомнителни и криминогени зделки ВМРО-ДПМНЕ во целост се оградува од однесувањето на Арсовска и градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ нема да присуствуваат на ниту еден настан на градоначалничката Арсовска“, соопштија од партијата.
Кавгата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ почна минатиот понеделник откако Арсовска го смени директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински и секретарот на Градот Ѓоко Велковски, двајцата членови на ВМРО-ДПМНЕ оти го местеле тендерот за пречистителна станица, а лидерот Христијан Мицкоски го нарече шпицен градоначлник кога го интересирале само тендери.
А. АНТЕВСКА