Во пресрет на зимата, а и поради сè поизвесната економска и енергетска криза, градоначалниците од Полошкиот Регион бараат од Министерството за образование зимскиот училишен распуст да трае подолго или настава за учениците да се одвива онлајн, за да нема високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.
Идејата за овој предлог доаѓа од градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, а за ова се разговараше на денешната седница на Советот за развој на Полошкиот Плански Регион.
„Бидејќи сметките за електрична енергија се повисоки од минатата година, одлучивме како идеја да предложиме зимскиот распуст за децата да трае два месеца, во декември и јануари или во јануари и февруари, така што децата потоа преку лето да имаат пократок распуст и учебната година да трае до 30 јуни, а новата учебна година да започне на 15 август. Или евентуално во трите месеци од зимата, декември, јануари и февруари наставата да биде онлајн. Ние сме горе-долу дигитализирани, имаме добри искуства во време на пандемијата и зошто сега ова повторно да не се примени во насока на заштеда на електрична енергија. За ова ќе ни треба поддршка од Министерството за образование и ЗЕЛС, а нас нé поддржуваат и други градоначалници“, изјави Таравари.
На седницата на Советот на Полошки Плански Регион се дебатирало и за можноста за нов проект околу менаџирање со отпадот, како и за регионалната соработка за справување со кучињата скитници.
З. АНДОНОВ